You are currently viewing БЕЛОМОРСКИ НОМАДИ

БЕЛОМОРСКИ НОМАДИ

Кога морето се гневи, послушај! Од бучавата на синиот џин и сопствените мисли лутаат преку пенливите бранови со кратки, ослободувачки мигови на „среќната среда“ кога телата се вкопани во песокот пред големите средби на небото и сината вода. И пак истото, човекот го бара својот збор на поинакво тло и при инаква реалност, во надеж да ископа нова приказна помеѓу меките дини. Од крв и месо, тие што останавме со живо чувство за битието, се надеваме на добра дефиниција во книгите. Да не заведат како пристојно живи. И секое утро со нова нит од телесната свест која не е препознаена сеуште и која лежи во подножјето на минатите освојувања. Војсководци без парче земја.

Нека остане и нека биде зашто секое минато и секоја сегашност се измиваат крај брегот и ја кршат желбата да се сретнат школките „личоти“, тие кои се украс меѓу останатите исто како и луѓето заради кои се буди утрото. Кожата видно потемнета и исушена по рабовите на животот. Под неа голем морски свет за кој нема да се кажува. Ножните носилки во банана боја ја веселеа свеста на разбудениот, но никаде неприсутен. Фигуративна дефиниција за нечие постоење, кое пелтечи и отпловува тивко кон непознатото.

Свесноста носи матни тегоби зашто еднаш откриена таа и пркоси на се-забавноста, и не сака прослава ниту признание, ни за минливо вчера, ни за силно утре. Но, зборот и носи и донесува вистини на овој разнебитен свет. Се впива структурата при моќна струја и со правец кон единствена победа, на секое и сечие. Залакот на едно прекршување, на ветената историја на брегот. И таа ме совлада со својата вистина, како и сите кои минале при нејзината мајчинска постела, и мали и големи. Беломорски номади, вткаени во утробата на летната страсна горештина.  

Buy Me a Coffee