You are currently viewing ЧОВЕЧКИ АВЕНИИ НА СЕ-ДОСТАПНОСТ

ЧОВЕЧКИ АВЕНИИ НА СЕ-ДОСТАПНОСТ

Човекот седнат на лажни урнатини векува за вистината на нашата загубена невиност: во епоха во која градиме со убави експресивни камења на површината, а внатрешноста поставена на ладен челичен скелет. Убави скелиња за празни видувања. И налик на постмодерните архитектонски зданија, кои велат ние сме убави како Акропол или Пантеонот, сепак  се потпираме на бетонот и измамата со челични балдахини кои очигледно го означуваат патот на човечкиот влез кон новиот свет. Исто и љубовниците, го љубат личниот образ, во просторот на наметнат одбранлив став и отуѓени комплекси на емотивна „смрт“. Животот на модерниот човек е живот на номад, на неврзан ентитет чија номадска траекторија ги распределува луѓето на отворен простор, некомуникативен и бесконечен. Простор избразден, со ѕидови, огради и патишта кои го раскинуваат стабилниот зрак на духовен опстанок. Номадскиот стил со постојана брзина и движење седнат на станица за чекање, на која ниту некој пристигнува, ниту некој заминува. Времето стои како срцев застој предизвикан од духовниот глад на челичните степи. Се населува единствено материјата на интензивни страсти, а љубовникот заминува во вечноста како лик од историски роман здиплен меѓу кориците на бурни зборови. Неговата фикција носи поголема вистина од лажната реалност на навидум платонски насмевки подадени низ ходниците на големите метрополи на земјината дина.

Дали со смртта на љубовникот, ќе опстои постмодерниот раскош на пародија и параноја низ човечките авении на се-достапност?

Buy Me a Coffee