Иднината во еднина?
Интересот да подигнеш градови во својот духовен град? Со разурнати постулати на довербата, едниот говори, другиот се прашува за веродостојноста. Чудни времиња, договорени средби, матни разговори. Планот за излегување неминовно составен од рута на сокаци и слатко тајни поздрави станаа магловит одек меѓу ладните белосветски засеци. Вистина, не секој ден е желен за збор, но не е ни за молк. Говорот во внатрешните струења на моменталниот импулс не ја покрива благонаклонетоста кон едно или друго расположение. Учтивоста носи своевиден подвиг и отворена мисла. Личната субординација кон колективната знае да има позитивни колективни плодови во градење јавен вкус со боите на слободната експресија –„Јас за тебе, ти за мене“. Тоа е поврзувањето кое подразбира дека во еден килограм не живее само грам, но семејство грамови. И студениот свет кој се подига го фрла поединецот во една стресна состојба за топло засолниште во колективот. И како тоа ќе се изведе кога колективот стана дом на единката, на статуата на „слободата“ која го носи својот факел. Еднина е новото лично поле. Гравитација на човек и неговото ид, его и супер-его, личност, поим, потреба, стремеж, стимул, баланс и расположение. Сите циркулираат околу физичката појава на длабоко зафатена личност.
Животот доспеа до деловни сакоа и договорени состаноци. Поздрави тука, таму, во ходникот на чистилиштето. И најдобриот показател е повторувањето со првачето, кое најдобро знае: „Мамо, ги учиме буквите на играта“. Многу кажано со неколку зборови, но за жал, од малите, големите ретко учат.
Сезнајните завршуваат во колективна игра без генерална проба, по станови за самци и метании за повремени средби. Слободната експресија се мести во тесните чевли на физикусот. И сите, со средно жалосно расположение, и лево, и десно! Нема лабаво.
