You are currently viewing ГОВОРИ, ЧОВЕКУ!

ГОВОРИ, ЧОВЕКУ!

За тајноста на настаните. Премолчување на радостите и тагите, одминување на заедничко обележување и громогласно прославување е загуба за сите во секое време. Ниту едното, ниту другото не се носи на своите плешки, нема лезет. На богоугодните места, топлината и светлоста ги греат дланките во закрила. Така сме создадени и така мора да биде, со отворена размена на блиски и далечни приказни.

Во заробениот ум, тајноста ги дели блиските и ја раскопува јамата на несреќникот. Следниот ден поетот веќе ја запишува одата посветена на човекот кој бил и живеел, кој оставил патека за другите да ја посадат со сопствени плодови. И покрај својата ексцентрична посебност, чудната интонација на гласот, лабавиот и голем чекор со зафрлени мисли по тротоарот и крутоста на дејството, поетот врежува некаква тајна тага на листот кој ги отвара портите за секој еден жив. И пак скриеното станува откриено, а моето е наше, и така било од раѓањето до смртта. Таа темна, непозната и непоканета дама седи и чезнее за животот во својата чудно непријатна форма. И повторно пристапува тајно, но верувајте ниедна тајна не останува сокриена. Виделината го држи сонцето високо над нашите глави во надеж да имаме уште една убава пролет во деновите кои пристигнуваат. Сите сакаме да се капеме во благодат и радосни денови, но промислата е над сите и се. Сакаме да сме владетели на сопствените животи, но ми се чини дека постои еден, единствен раководител на секоја миговност? Анксиозноста денес удира силно на прозорот на мојата психолошка одаја, стравот ги тресе помислите, и што е следно? Зар не е тоа моќното прашање? Нема одговор, но има надеж.

Едно да имаме – денови да може да си раскажуваме за барокни ангели, магионичари кои патуваат, актери кои сонуваат, астрономи кои го навестуваат крајот на светот, за соколари, за генијалноста на Моцарт и Бах, и илјадници други вистински и фантазмагорични писанија кои го прават животот вреден.

Само едно ме мачи, дали е можно да имаме збор, ние кои сме немирни? Можно ли е да ја освоиме бесмртната порта без апокалиптични испади? Таму, зад сонцето, нова приказна се подготвува зашто Воскресението ја победи смртта заради животот.  Долгот е голем, но ти, Човеку си длабоко љубен и си син над синовите. Сонцето ќе сјае, и еден да си.

Buy Me a Coffee