Сите ние, потполни луѓе, способни да се разбереме себеси, да го дефинираме сопствениот идентитет преку усвојување на богати човечки јазици на изразување, но и преку јазикот на уметноста, гестовите, љубовта…сиот свој свет го градиме преку генезата на умот која е дијалошка, изградена во односите со „значајните други“ според Џорџ Херберт Мид. Сега, кога ја одредуваме својата посебност, каква важност има нашата разлика во однос на другите луѓе? Дали е значајно тоа што можеби единката има 3576 влакна на главата, или иста висина како некое дрво во сибирската рамнина, или е најдобар виолинист во земјата, или има долги нозе и полнети усни, дали сето тоа ја одредува посебноста на една личност и човек, воопшто? Апсурдно е да се мисли дека најзначајниот чин за само-дефинирање е мрдање со ножните прсти во мек песок. Многу е важно нештата да имаат одредница на своето значење и соодветно на тоа, разбирливост и прифатливост на различноста, на мултикултурализмот и интеркултурализмот, еднаква вредност на секое човечко битие при изборот и гласот на дефинирање на значењето. Како што пишува Чарлс Тејлор во Болестите на модерното време: „…кога ќе тргнете на патот на зрелата возраст, не може да понесете се со себе. Се дистанцирате. Се оддалечувате од другите луѓе и институции, ги напуштате доделените улоги и се приближувате кон себе. А кога на сите кои тргнуваат на тој пат би можел да им дадам подарок, тогаш би им подарил шатор. Тоа е подарок со корени кои може да се пренесуваат…., пред секој од нас се наоѓа можноста да се вратиме препородени од тој пат и повторно да се сакаме, зашто оние кои ги сакаме можат да доаѓаат и да заминуваат, но способноста повторно да сакаме останува во нас самите… “. Изборот паѓа на самиот човек, на крајот на краиштата.
