You are currently viewing ПА ШТО!

ПА ШТО!

Дали тој, Барух Спиноза, бил среќен додека, за да ја ублажи својата лична неволја, пишувал за среќата? Дали тој би слободен? – прашува големиот Мигел де Унамуно.  Верувам дека постои некој кој во кратките пет минути лично време помислува на слободата или се подразбира (дека ја нема)? Кога цел живот врвиме преку илјадници уредени општествени закони, ние сме добро одгледано и воспитано пионерско друштво под капата државни згрижувачи кои згрижуваат моќ за вечноста, за секој случај. Мигот кога ќе завладеат боженствените закони, секоја твар мирува под грутката земја. И слободата го зема својот вистински замав преку бесконечниот свет, без граници во просторот, во огромната галаксија на Млечниот пат, по патот на белата светлина. И таму, ослободени од секоја принуда, потреба,  или според Кардучи: „…истоштената човечка раса е сведена на еден човек и жена стоејќи среде мртвите гори, опкружени само од планини, обезбоени, со стаклени очи, го гледаат, О сонце, заоѓаш зад огромниот мраз! И на прашањето, дали „сме среќни“, сите одговараат „моќни сме“, а за среќата треба живот да се потроши или подобро живот да се ослободи. Зашто во немање очекувања и потреби, останува чувството, проста емоција на среќа од едното, за разлика од разумот кој буричка по длабочините и води до скептицизмот и разочарувањето.  И тука Ламене вели, „Па што! Зар ќе се сомневаме ли дека мислиме, дека чувствуваме, дека сме?“. Во нашиот свет ништо не е сигурно. Се е недефинирано и лебди во воздухот. Ние сме сите полни со живот додека повеќе не сме и се се движи од една мисла, емоција на битието до ништото на конечноста, заградата зад која не гледаме и од која стравуваме.

Зарем, треба? Зарем животот може да се ограничи на 60, 70 или 80 години трајност или таа земна верзија е само пробната табличка за вистинското ослободено тестирање на бесконечните можности? Како и да гледам, го замислувам патувањето по Млечниот пат како вистинско финиширање на една земна пародија, со панорамски видици на вселенската слобода.

Buy Me a Coffee