Каде е коренот на умот? Дали воопшто е посаден во разумноста на човекот или само зелената станува позелена боја на страста? Како да мораше да се жртвува субјектот на знаењето, да се одвее неговото неговото единство и да се дозволи знаењето да експериментира со себеси. Постмодерната машина го растури единството на заедницата и создаде фрагментирана слика на светскиот дисконтинуитет и дозволува да се запрашаме дали има проекти за остварување, дали подразбира постојано отсуство на цел и пост создавање. Не постои генерален проект на движење на мислата, а Ниче дозволува вечното враќање да биде токму мислата. А, таа во отсуство. Таа е оправдано отсутна на часовите по етика, естетика и човечки релации. Според зборовите на Мишел Фуко, ако сакаме да знаеме „што е знаењето, неговата природа, треба да го напуштиме филозофот, неговиот пацифизам, облик на живот, аскетизам и да пристапиме кон политичкото за да ги разбереме релациите на борба, моќ, медиумот во кој стварите и луѓето се мразат, се борат за да воспостават доминација, да практикуваат релации на моќ едни врз други. “ Секогаш политичкото во сржта на меѓучовечките релации и интереси, материјалната превласт станува одредница на човечката игра. Нашето постоење за да опстои бара единство во дејствување, а не театар на претстави на дресирани животни. Жил Делез и Феликс Гатари во својата книга Анти-Едип говорат токму за тоа, „(…) за сиот перверзен апарат на репресија и воспитување, жигосување со усвитено железо, со една цел, да се дресира човекот, да се обележи во неговата плот (…)“. Наместо господар да се создаде свест на роб зашто понатаму Делез вели „наместо суверен поединец како производ на културата, историјата ни нуди свој сопствен производ, припитомен човек“, болежливо сениште во стадо, денешниот Европеец. Сета состојба на постоење се сведува на раѓањето на една смрт или според Ниче, „Земјата има кожа, рече тој, а таа кожа има болести…Една од тие болести се вика човек“. Цивилизацијата сама по себе создаде поволна средина за развој на лудилото кое има можност да го уништи и човекот и светот, почеток и крај на се. И затоа треба да ги згаснеме стрелите на западната имагинација, безумието да не биде бунило на срцето и лудост на желбата зашто и по нас треба да чекорат нашите повторно, со свест и свесност.
