Една вртелешка. Едни заминуваат, други остануваат и обратно. Денови, од убави, поубави се нижат, долги по кратките, до последниот, незнаен ден. Датуми, календарски, за броење, за магични операции. Меѓу редови, животот си тече како река, некаде мирна, некаде брзаци го креваат адреналинот на епски начин. И текот ја зачинува беседата на животниот пулс. Радоста и во маката станува голема. И така треба да биде додека грутката земја не биде фрлена над дрвената носилка. И под и над само црвеница, но тоа не важно, само исправено да заминеме над духовниот амбис. Од роденден до погреб, животот е вистински лавиринт, кој не смее да мине како скитање, коцкање или колекционерство за да не заврши како скаменет немир кој не поима развој. Човекот што оди под сонцето, почнува од чекорите на малите нозе до соѕвездието над својата глава и родендените на сите знајни и незнајни, и тогаш подготвен во својата најубава одежда до портата. Истиот миг пред очите играат сите планински масиви кои ги спознал, и тревите и животните и боите со глас и мирис на местата и имињата на луѓето кои ги љубел на различни агли на земјата за прв или последен пат? И сонцето пече во тој миг, и мирисот ја има острата структура на растенијата што ги негувал и чувството создава жед за сите плодови на земјата кои ја збогатиле неговата патека. И вкусот на голите сенки кои држеле ладовина во врелите попладниња. И уморот е собран под истите високи сенки, и затоа е време за берба, на дела и плот. И затоа е потребно секое украсно дрво да биде добро одгледано стебло, разгрането, скромно свиено кон земјата, и истовремено бујно во својата сенка со хранлив плод.
Од сите украсни дрвја роден е пејсаж преку нивите, ридовите, зад грмушките, меѓу ѕидовите, во населбите и преку градовите, и крунисани на едно и единствено место, во земјата на живите нешта, каде со раѓањето, смртта ја победуваме, а со смртта раѓаме нова победа, за вечен живот.
