You are currently viewing ТАНТАЛОВИТЕ ДЕНОВИ НА СЦЕНАТА

ТАНТАЛОВИТЕ ДЕНОВИ НА СЦЕНАТА

Во цртежот на Вечноста сите со своите таланти и посебности. Ентузијазам во градење скалила на спасение и верба. Но, не толку лесно.  Пандорината кутија, полна страшни суштества и инсекти, црна темнина и непријатни шумови, всушност страдања и маки, грижи, болести… Пандора ја отворила вратата на крилестите страдања кои почнале да ги измачуваат луѓето низ светот, И од тој ден и луѓето и цвеќињата венеат и ја губат бесмртноста и младоста. Наспроти нив од кутијата се изродува и Надежта со ветување дека нема никогаш да исчезне, но ќе ги осветлува домовите со блескавите крилја се додека е потребно. Таа впрочем никогаш и не го напушта окованиот Прометеј кој децении ги преживувал страдањата до денот кога силниот Херкул доаѓа да го избави. Непослушноста довела до вечните страдања, недовербите во зборот на братот и љубопитноста. Слободниот дух и непридржување кон строгите правилата создале стимул за настанокот на креативното дело, а оттука и поделеноста на доброто и злото, светлото и темното како градација во играта зад кулисите. Забавата на народните маси значела делумно оплеменување на борбата која секој поединец ја носи, огништето за страната која владее, било во улогата на Одета или Одилија, Марија или Зарема, Егина или Фригија. Сите со своето бреме во кутиите кои како да не умориле и истоштиле (уморот на Хермес). Ја растуриле желбата да се помогне, со игра и песна да се дочека утрото, да се отпоздрави непознатиот, да се прегрне светлоста и да се биде голем пријател на луѓето како Ферхад во балетот „Легенда за љубовта“ кој ги истрошил последните капки пот и ја предизвикал планината заради водата на животот. За новата утеха, за народот и вербата. Сцената ги сликала легендите, митовите, сказните како начин да се надмине човековата смртност и грешност.  Но, денес човекот како никогаш претходно се наоѓа во состојба на судир со природата и небесните пространства заради личните апетити на владеење и горделивост. Во толку слободоумни живеалишта на светот бескрајно царуваат танталовите маки на нередот. А, Театарот ја одигрува сцената на таа развратна епоха, без сомнеж и втора шанса.

Buy Me a Coffee