Во услови на мир борбено расположен човек навалува на самиот себе, по зборовите на големиот Ниче. Препознатлива мисла во услови на балканскиот дијалогизам од јас-за-другите во јас-за-себеси, соочен со празнината на сопственото битие или она што Бахтин го нарекува „тага на индивидуализација“. Истата тага која се труди да ги реши историските, фундаментални прашања на идентитетот и себе откривање додека гладот полека го обзема широкиот културен простор. Цивилизацијата нечујно ги пакува куферите пред јадежот на изборната глутница и настапува молк во свечени карневалски прослави под слободното небо. И вратите на театарот се отвораат, заради новите прекројувања и преправки на задолжената куќа.
Карневалските празници или шеговити приказни заземаат централно место во животот на средновековниот, а уште повеќе современиот човек. Тие создаваат неофицијален и вон државен поглед на светот, една двојност која игнорира и потценува, нешто што ја искривува сликата и ја разобличува севкупната културна состојба. Во средниот век предмет на исмејување било божеството, а денес се грди и разнесува Човекот и сета негова убавина. Карневалот со силен елемент на игра како театарско-претставувачка форма, го уредува и државното управување како еден театар, една сцена со урнебесна репертоарна политика, а сите ние, учесници во карневалскиот живот и самите служиме за општонароден дворски шут. Со церемонијални свечености вивнати до глобални широчини, а граѓаните се помали, исчезнуваат од мапата на општествено стегнати вредности.
Неутралната позиција, онаа ненаметлива, самостојна перспектива на копнежлива љубов кон Другиот зачинета со Бодлеровата фланеурија и потребата за истражување на носталгични предели дозволува уживање надвор од границите на карневализмот и поставува длабоки димензии на општествено свесна креација преку градење интеркултурни цртежи на размена. Карневалот останува да пулсира низ делата на театарскиот крвоток, а колективот низ изнудена смеа и навидум заедништво да изгради општествена претстава за опстанокот и здравиот разум.
