Дали доброто е единствената причина за љубовта или подеднакво и убавото ја предизвикува со својата посакувана благонаклоност кон убави звуци и глетки кои ја разоружуваат природата на човекот. Едноставно убавото е допадливо за прифаќање. Всушност Бог му ја дал на секое природно нешто најдобрата склоност како и неговиот соодветен крај. Природноста да се препознае и прифати убавината е својствена и препознатлива за човечкиот род. Многу јасни зборови кои не потсетуваат за посебноста, или по новите согледувања збунетоста на животното милување. Но, и покрај напорите да се утврди едно универзално мерило за вкусот, не може да се помират неусогласените претстави на луѓето во однос на убавината и грдоста. Сведочиме на самоволие и се поголема наклонетост кон грдата злонамерност во последните денови, со сета арогантна грубост и среброљубив омот кои и следуваат, градејќи го домот на неплодна почва. И се посилно бегаме, ловиме, стравуваме или хедонистички се однесуваме и притоа ја вознемируваме свеста во трајно отсуство на пријатноста. Можеби постојано сме осудени на вечен стремеж за големо и гласно, и љубиме со Егото, во отсуство на Љубовта. Калкулации и телесен баланс, варварски вкус кој го разоружува образот. Зашто вистината околу која сме согласни дека праведност, човечност, великодушност, вистинољубивост се атрибути кои ја хранат љубовта, но и кои горко отсуствуваат од животната палета на морални украси. Дотолку повеќе се потсетници за добри времиња и длабока почит зашто прашањето на еден автор гласеше дали е љубовта побитна од почитта? Вели не, почитта го има приматот зашто во обидот да се цени и прифати различноста попатно се љуби и прифаќа сета разновидна форма, на допир и однесување. Верувам дека убавото и уметноста како благопријатни алатки се провлекуваат низ сите области на животот и на тој начин ги збогатуваат нашите внатрешни и надворешни опкружувања, се ублажува крутата сериозност на односите и заплетите на стварноста и се отстранува здодевноста на еден зачудувачки начин, според зборовите на големиот Хегел. И како таква таа го нуди народното созерцание и претстава и самата е подиум за заедничко разбирање и прифаќање. Таа е нужност во ноќите кога светот се гасне, а човекот го запишува дејството по наполно празниот ден, ден на емотивна голгота и богато стомакоугодување.
Дали самите ја напуштивме љубовта или таа не напушти нас? Деновите секако и на лето стануваат постудени во одот. Било која да е вистината, будењето нека биде на Исток заради навремено оплакување на гревовниот јазик, а денот да се заврши со добро дело, богоугодно и полно љубов, а не со мудрување и читање четива за самопомош. Да се развие чувството за убавина и да се љуби мора да постои една префинетост на имагинацијата која е неопходна за да се почувствуваат овие пофини чувства. Тој поим најочигледен е кај праведната душа бидејќи таа која пребива во убавината уредена е во светлоста, и за другите. Тоа е вечната убавина на душевното градиво кон кое сите треба да се стремиме, подготвени и за светлина и за љубов.
