You are currently viewing ИМПЕРИЈА „КРЕ-КРЕ“

ИМПЕРИЈА „КРЕ-КРЕ“

Денес, во темелите на книжевната приказна лежи трач или глад за туѓото каде секој си ја разложува сопствената кожа до најтенките детали од нејзиниот состав, уредно изложена на животниот излог. Како месари во месарници?  Ладно оспособени трговци, вешти со јазикот на острото сечиво, продаваат се што е на продажба, се освен добро поведение. Тоа е нешто што ниту се бара, ниту се нуди, сепак движиме кон непознатите одаи на дивјаштвото.

И се што беше добар збор, сега е блуткав израз на двосмислено обраќање во кое разговорот се води во време кое тече нанапред, но влече наназад. Секој прогрес останува во историјата. Сега е време на брзи грешки и кучиња скитници, и овакви и онакви. Време на технолошко иновативно забрзување на интернетот кој изгради чувство дека сами контролираме се и сешто, додека големата мајка не не направи детска украсна играчка и „…додека не се заситиме од општата празнина на постдемократијата и не ја напуштиме планетата Земја и се преселиме на друга планета, ако не ние, тогаш секако нашите аватари, пореални и покрвави под кожата од самите нас…“ според зборовите на авторката Дубравка Угрешиќ. И во новото време, трудољубивоста најчесто се однесува на задникот кој има име и презиме, добро оформено тело со мазна и видно потемнета кожа ги продава своите производи во времето кога и ноќта спие. Тоа е, „убавината“ сама се продава. Добро спакувана кутија како тазе освежена кожна обвивка и во промет по бројни единици, секогаш обесправена и во потрага по подобри права на своите длабоко изострени потреби. Впрочем разбирам зошто социјалистичкото уредување не беше соодветно, зошто чуваше исти вредности, заедничка симболика и имагинариум. Сега е секако подобро, секој „мозок“ своја политика, секоја жаба – принцеза и живот во царството на жабите или империја „кре-кре“. Заводлива дестинација, секоја чест.

 Иднината вистина ги разбуди врвните перформанси на човечкото суштество. И освен кожата, внатрешноста е во празен од. Се движи по песокливата мекост на едно исто прашање, „дали некогаш завршува човековата фасцинација со парите?“

Probably never…

Buy Me a Coffee