Цвеќињата на злото, едно од најубавите лирски дела на Бодлер будат поетска радост во секој еден поединец, во толпата па дури и врз неблагодарната публика, исправена пред предизвикот која со опиплива занесеност го ублажува шокот на впечатоците од надворешните дразби. Оваа состојба на шокот Бодлер ја пренесува во срцето на своето уметничко дело кое треба да пристигне до масите. Оние аморфни маси на минувачи, улична публика која се вдомила во големите градови и мрежите на безбројни поврзувања.
За истите тие маси, Енгелс ќе рече: „…Зарем тие стотици илјади луѓе од сите класи и сите слоеви кои се стискаат едни покрај други, зарем тие не се луѓе со исти способности и особини, со ист интерес кој се состои во тоа сите да бидат среќни? …па сепак тие минуваат едни крај други како да немаат ништо заедничко, како едни на други да не си се потребни, и единствениот премолчен договор меѓу нив се состои во тоа што секој се движи од десната страна на тротоарот, за да не се судрат и не се задржат спротивните струи, и никој не сака да го удостои другиот со ниту еден поглед. Бруталната рамнодушност, тапата изолираност на секој поединец во своите лични интереси е онолку одвратна и болна колку што е поголем бројот на поединци собрани во еден мал простор.“ Всушност масите стануваат дел од самиот Бодлер и неговата толпа е секогаш толпата од големиот град, од неговиот Париз кој е пренаселен. Во страшната врева на минување, понекогаш очите на непознатата жена се вкрстуваат со оние на поетот и се запишува бесмртна игра на зборови кои остануваат да ги радуваат генерациите на иднината. Само со еден поглед, светот се сменил зашто урбаниот поет е љубовта, но не онаа на прв поглед, туку онаа на последен како вечната разделба во моментот на занес. Но, за да може да гледа човекот треба да поседува вештина на гледање, на уживање во живи слики кои говорат сами за себе. Објектот на љубовта кој може да ја искуси единствено жителот на градот, создава ликови на жени, на музи, на инспиративни дела.
Можеби книгата би го освестила човекот од толпата, толпа која тежнее кон посебност и различност, а никогаш не уживала поголема апсурдна едноличност во однесувањето, облекувањето, мимиката. Никогаш повеќе не уживала во дивеењето и недисциплината. Пишаниот збор се напушта, и со тоа и играта на прифаќање и почитување. Модерните денови се денови на исполнето време и нив не ги одбележува никакво доживување освен убавина која го повикува човекот да се придружи на оние кои претходно се потчиниле. Според зборовите на Марсел Пруст, потребно е да го храниме копнежот, со ноншалантност, со мирисот на жената, нејзината коса, нејзината насмевка и сите други созвучја кои ќе го вдахнат човекот со „сините небеса бесконечни и големи“ и „еден брег полн со огнени јазици и јарболи“ зашто само уметноста која е свртена кон убавината може да ја избави од длабочините на времето и да остане одек на искуствата, на едно минато и на една иднина.
