Што е тоа што го прави животот пред крајот исклучително потресен? Во смисла на исчекување, во смисла на страв, Бура која ги одбележува последните креативни денови на Шекспир, а веројатно и нашите себични додворувања. Молбата околу која не можеме да се договориме го продава значењето на смртната маленкост пред економските заговорници на бледата дебата. Молбата која не е молење, но куртоазно побарување за слаткоречивост и манири, молбата која не е молење, но присетување на редот и убавината на нештата. Таа молба фрлена на колена пред силиконските отоци на пластичната хирургија, таа е застарена форма на достапна учтивост која ниту врати отвара ниту видици простира. Нашиот хаос, надворешен, а уште повеќе внатрешен во самите себе се повеќе го почитуваме иако истовремено копнееме по редот како убава идеа во корнерот на умствената ќелија и таму владее со фантастичната мозочна архитектура. Извикани во својата непостојаност и неослободени од делата на туѓите завери, главите ги носиме како круни на самопрогласени кралеви и кралици за минутна забава и празно стомакоугодие. Но, аплаузот одамна ја нема сјајната слава, а дланките аплаудираат од десната и левата страна на вилицата како благо пролетно милување. Умноста уморна со зборовите на Просперо „ако за молбава чаре мене не ми се најде, беден крај ќе ме снајде“.. , а молбата на почетокот од крајот, пред завесата на Шекспировата пиеса или животната дворана, среде раскрсницата на емотивно освестување, ги гази злите јазици кои сосредоточени кинеа една љубов. Чарето на крајот го најде своето небо, иако кармата пренесе бурни лекции на умните и помалку умните зашто со сила убавина не бидува.
