You are currently viewing ВПИВАЊЕ

ВПИВАЊЕ

Впивање на се што ќе се допре. Таква желба за живот и соживот. Разложувањето на егото го поставува човекот во зоната на живото искуство и околу зборот кој ги надминува сите пукнатини на недоразбирањето. Бесмисленоста на една реченица која трае и тече околу ситни физички нешта само го трошат времето наменето за воспитната храна на детето кое можеби ќе стане темелот на големите промени. Но, за да стане мора да се избориме со  опиеноста од материјалната атрофија. Вредностите мора да се преструктурираат во главата на секој општествен член, секој еден ден кој означува нова битка и се надевам, нова победа.  Од каде да се почне? Најпрво, застарените железни конструкции, бедата на архитектурата, фабричките згради, старите фотографии и предмети што изумираат, бараат соодветна револуција на умот и духот на младиот човек за да имаме современи творци, но и луѓе со чест и образ кои го чувствуваат тлото. Затоа зад параваните, палатите, замоците стои клучарот кој со најподмолната брава ве повикува во средиштето на денешниот свет, меѓу носачите, механичарите облагородени од парите, да се сместите во нивните автомобили, во меѓународните вагони за спиење и да се слеете со сите луѓе кои денес се горди на своите привилегии, според Аполинер. Би рекла, привилегии на свирежи и истрели кон некултурата и малодушноста. Боси чекориме кон новото изгрејсонце, изгрејсонце на земјата каде сиот синџир на случувања е урнатина врз урнатина која се извива до небото и таа бура е тоа што се нарекува напредок. Тоа е иднината која бара силна воспитна мисла, зародиш на училницата, на младите умови во униформа кои низ игра го љубат светот. Сеуште.

Buy Me a Coffee