You are currently viewing ДОБРОВОЛНО РОПСТВО

ДОБРОВОЛНО РОПСТВО

Дојде време да бидеме туристи во сопствениот град. Низ улиците на годишни фестивалски поздрави студеното време открива непознати ликови зад прекрасните мирисни ноти на новиот бран граѓанство. Правото на учество во играта наречена живот значи само право на постоење без можност за жалби. И затоа пак ќе речам овде владее чудното лудило на неконтролирана страст за заработка која ги води луѓето до исцрпување на виталните сили на индивидуата и желбата да се поседува. Тешка зависност која не е логична со оглед на фактот дека од кавијар и коктел барови човек кога тогаш се заситува. Кутриот избезумен народ низ брзата трка за напредување ја заборава слободата, како еден вид доброволно ропство ако такво нешто може да постои, како да може да зборуваме за мал џин или чесен министер. И токму затоа, единствената слобода,  Пол Лафарг ја пронаоѓа во убавата Шпанија како земја „каде се уште има некоја трага на исконска човечка убавина“ или занесната Андалузија која со својата страсна надмоќ ги освојува срцата со општествено-романтична носталгија и можност да се ужива во животот, овде и сега.

Турист или домаќин, колку може да слави една мрзеливост? Таква која нуди копнежливи евокации по вистински добра, изворни описи на длабока емоција, радосни вести со ведар тон, работи отуѓени од искривениот модерен свет. И дали е воопшто допустливо креативниот работник еден ден да остане во благопријатен простор и да создава рожби по правилата на својата креативна мотивација со возвишена намера да го открива светот и неговата длабока апсурдност? Дали смее да создава само со своите зборови, свет внатре во светот каде љубовта мечува со елегантни букви? Дали смее да опстои на пазарот без пропаганда и напади, но само темелна расправа за она што го вариме сериозно? Очигледно смееме, низ смеата, зашто и двете страни имаат свој мев, едниот мев на мрзливец како резултат на прејадување и животна радост, другиот мев на буржуј, резултат на маничен притисок и декаденција. Всушност, се додека работиш повеќе, заработуваш помалку и си послушен, ти си добар војник на поп-економијата и ќе го претставуваш достојно железниот репертоар на мајмунски политики. Затоа, мирен чекор во полето на суеверието и предрасудите. Таму работата врви, без плодоносен труд во мајчините краишта.

 Кога сум веќе турист, мојот глас за Шпанија, другари!

Buy Me a Coffee