You are currently viewing ЛИКОВИ БЕЗ ЛИЦА

ЛИКОВИ БЕЗ ЛИЦА

Во време на зовриени вредности, индивидуата се обидува да се вклопи во средината на брзите немилосрдни отскокнувања. Односно, повеќе или помалку се обидува да се вклопи во распоредот на општествениот правилник на „корисно“ дејствување притоа најчесто губејќи ја визијата на личниот повик за промена и потпис во густо населената прашума на бетонски џинови. Колективната личност ги брише индивидуалните црти на посебноста и поставува една водена универзалија од масата луѓе. Психолошки образец, на наместени насмевки и димензии на предница и задница. Ликови без лице, низ кои одекнуваат пискоти на гласни говори и претензии за посакуван третман. И најинтересното е што секоја етапа од блиско-далечни средби завршува со вредносен суд, на една или повеќе личности кои едноставно го смениле курсорот на пловидба односно се задржеле до старите манири на отпоздравување и почит. Соговорникот со стил и домашно воспитание го следи разговорот дури и кога на масата нема ликови. И смешно е кога во животната судница судат озлогласени продавачи на чест и дело и хранат невистини кај трети лица. Но, судбината тече и покрај сите противења и негодувања, со правец поставен далеку над оркански височини. И повторно ќе биде тоа што не било зашто времето не било стасано. И ќе болат ликови под рака со нивните лица, со трасирана патека на здраво конструирани делувања и разговори.

Генетската предиспозиција од првиот здив гради физиолошки портрет кој заедно со силната интуиција ги спојува сличните на себе, и кога средината е поплавена од  „добронамерни“ шепоти. И не секогаш општествените наметки прилегаат на карактерот на ликот кој го носи лицето. Затоа треба да бираме зборови, дела и парчиња облека кои ќе лежат доследно на образот, нормално доколку воопшто држиме до образот зашто на целната линија, приказната што ликот ја крие, очите отворено ја раскажуваат дури и зад затворени порти на устата.

Buy Me a Coffee