You are currently viewing НОВИОТ ИНТЕЛЕКТУАЛЕЦ

НОВИОТ ИНТЕЛЕКТУАЛЕЦ

Кога денот се наоѓа пред морален банкрот, тогаш во сета безизлезност се бара решението за поголем благослов на животот. Се повикуваат светии на помош заради очај и таговни страданија. Се нишаат кусогледите гранки на ограниченоста и огорченоста, а главата силно напред помеѓу колената во мислите, стегната во гревот. И никако да се погледне на другата страна, не зашто е зелена или цветна, но заради ширење на целисходноста на паднатиот дух, изморен од внатрешната битка. Дали таа некогаш завршува? Со сигурност не, до самото заминување ќе не соборува за да се покажеме силни во смирението. Секојпат кога мислев дека станувам само мислев, всушност. Доколку таа не е ангажирана соодветно на одредено продуктивно поле, станува деструктивна сила која ги разјадува човечките и земните состојки на животен компас.

Тука настапува книгата. Настапува хартијата која ја буди сензитивноста на личната свест кон едната и другата страна. Се огледуваат двете страни на едното исто нешто. Сочувството и разбирањето. На тој начин, умот станува голем ослободител кој создава реалност далеку од чисто физички потреби. Човекот, мелем од божјо создание. И убаво би било да се работи на војска од интелектуални војници, нов бран интелектуалци кои ќе воскреснуваат со знаење и благочестие. Интелектуалецот се очите, ушите и гласот на слободното општество. Тие се катализатори на информираноста и сестраниот интерес.  Секако имаме и квазиинтелектуалци кои живеат на неправилности и со неприлагодена брзина за претекнување.   Не станува збор за нив, тие се испеана и монотона песна. Ниеден човек не може да се нарече интелектуалец доколку ја изедначува силата на мускулите со силата на идеите и доколку неговата идеа за добро општество е подвргнато на притисокот од физички средства. И луѓето со добра волја и рационални побуди се однесуваат следствено на она правило од вестерн филмовите: „Господа, оставете ги пушките надвор“ и основниот минимум за цивилизација во градењето на нови отворени интелектуални расади би се водело според едно футуристичко правило кое почива на античкиот слоган: „Интелектуалците се мртви – да живеат интелектуалците“ според зборовите на Ајн Ранд, во смисла на тоа да се исполни одговорноста којшто ја побарува самата почесна титула на интелектуалецот, а се поретко ги сретнуваме на маргинализирани места по рабовите на науката.

Задачата е голема и тешка, да се биде достоен во делата, одговорен во исказите и префинет во однесувањето е дисциплина за совладување. Премногу за мнозина, премалку за малкумина.

Buy Me a Coffee