Во секој час, поважен од претходниот (нема таков), се нема време за љубов, се нема време за книга, за конструктивен план и духовно преиспитување. Не, само трка, кратка трка со времето. Но, работите не ги остваруваме благодарение на нашата итаница. Тие бараат труд и посвета и се случуваат во своето време, кое е предодредено за нивниот настан. Ништо не бива без благословен тајминг зашто и времето има свое време. И токму тоа овозможува да не го трошиме во постојана трка, а притоа од време на време да се прегрнеме самите себе или човекот до нас. Тоа бесценето чувство ни дава сила да продолжиме со водење животни битки за подобро утре. И понекогаш е доволно само да застанеме, под големата крошна на старото дрво, во неговата плодна пролет или тивка зима и да се потсетиме на своите детски соништа. Такви безгрижни и смешни како чистата мисла. Животот на возрасните бил една поинаква приказна кој искрено не прилега секому освен хронолошки неизбежната бројка. Во лавиринтите на трката помеѓу гладни предатори, слаби се светлата на мудриот дух, да не речам изостанати. Во таа успешна сторија на уловот на деловни грабливци, дел се одлучуваат за живот надвор од лавиринтот, во зелената градина на градските дворци како алтернатива за бетонските грдосии на „живописните“ мајстори на градбите. Таму времето минува побавно и со спокоен ритам. Креативниот импулс го покрива часовникот и неговата физичка стега како вакуум во кој се создава и пресоздава благоста на стремежот. Стремеж за балансирана и постојана насмевка во време кога не престројуваат како стрижени овци во поле и кога се пресретнуваме со намрштени ликови и студени срца. А, колку е насмевката едноставна и достапна. Неа ја имаме со првиот чекор, лесниот ритам и силниот збор. Присутна како атом во секоја состојка на личното постоење. Есенција за стилски тела и згодни погледи кои без насмевка се здрвени мермерни зданија. Замислете, да се мине цел живот трчајќи маратон со неудобни патики, лоша мисла и груба изразност, колку промашена трака на движење, без прилагодена сигнализација и изоставена најважна лекција на животот, радоста на насмевката.
Живејте живи, ваш е животот!
