Последните, први ќе бидат – првите, последни!
Секогаш тоа одекнуваше низ разговорот, но некако неразбирливо. Цврсто и бескомпромисно до целта, различна за секој човечки универзум. Знаете, сите различно стасуваме до неа, некои подоцна, несмасно или невнимателно. И тоа е сосема нормално зашто процесот на освојување е свет и единствен и се движи по различни патишта на истражување. Утредента, истите тие индивидуи ќе ги носат книжевните темели на својот грб како плодоносни познавачи на писмото. Затоа, не судиме и не знаеме за плановите на тајното учење, зашто секое учење е тајно кога се одвива зад холистичките порти на еден гладен ум. Науката гради индивидуи. Што е важно? Важно е да се вљубиме во буквата, во зборот и неговата моќ да менуваме светови. Низ секоја страница, ние го менуваме стариот образец на однесување и ја подобруваме конечната верзија на свесноста. Од ова гледиште, јасно е дека борбата си тече глатко кога е освежена со научни факти, кога носи угледно интелектуално пакување.
Еден ден, човек ќе се осуди да каже нешто недолично за другиот без претходно да се дрзне заради острината на својот јазик. Ревноста почнува од сопствената брада (кој ја има). Не велам дека едните не се подобри од други и тоа треба да е така за да се поттикнуваме на добри дела, но самото издигнување на стартната точка веќе значи пола пад. Загуба на погледот на најубавите планински масиви на раст. Нарцисоидноста раѓа само повеќе нарциси во градините на човечката потреба за препознавање. Искрено, зошто треба јавна потврда на посебноста и единственоста, кога сме создадени од едни и други, со временски рок на траење, со атрибути повеќе, помалку слични, зависно социјалната и културна позадина, ја негуваме љубовта, јавно или тајно. Единствено, здравата формација може да го направи најубавиот цветен аранжман од нашето библиско парче земја. Малечко, и славно (по грабежи, засега). Тука душата почива на топлата почва. И светот е примамлив и забавен, но тивката љубов тлее доле, на југот, блиску Белото Море.
