You are currently viewing ПЕСОЧНА БУРА

ПЕСОЧНА БУРА

Ограничување на мисла,  движење, говор?

Ѕверство на најподмолен начин, тивко и со умисла. Единствено затоа што е од спротивниот пол и е посебна, убава на свој начин, нежна во изразот, кревка во говорот, неприкосновена на животот. Да се крши носителката на здивот, наследничката на новото утро, структурата на нејзиното постоење е исто што и сечење на гранката на која се седи. Улиците, прашливи и со набиен тестостерон ги оправаат ситуациите кои не се за оправање во обид да се замолчи штетата на траен молк. Светот знае, но одбира да молчи. Проблемот не е во овој двор, тука се само сувите кокичиња на големата досада. Книгата е испратена во историјата за поубавата половина иако таа е храбриот воин на секој животен фронт. Таа е дефинирана како нежна од истите тие кои не кои системски и културно и го бришеа гласот, а сепак остана цврстиот коридор на првите и последните удари. Затоа пред да се оцрта нешто во нежен цвет, се дава широк увид на насадите со пиреј кои бијат генерациски корења. И сега моли за книга? Каква поразителна полјана. Зар постои таква на овој таканаречен „модерен“ свет?  Зар е оставена од другите сестри кои го живеат „слободниот“ стил во едукативно лизгање? Или тие (ние) само лизгаат мислејќи за слободата, неслободни во стравот, во притисокот да се застане и подржи борбата за рамноправност? Сите шетаме подгрбавени во кичмите со сколиоза на лева и десна половина. Вистина, само сенки од ветрушки на булеварот на големи ветувања. И мојата лична расправа е смешна кога е неоснована во постапката. Многу мислам, а од многу мислење глава боли. Главата не, но совеста секако. Станавме комотни во лесно достапната досада и ги блокиравме вистинските маки на вистинските луѓе. Тие кои не се наши. Но, дали не се наши? Еден ветер и тука е црвениот песок, на терасите на пролетното кафенце. И уште нешто, ткаенината не ги прави отсутни или небитни, само го продлабочува раздорот на нееднаквост, погласен од секоја тишина.

Револуционерните срца се будни. Невидливите решетки ги кинат оковите со светлите прамени на бујно убави лица. Лицата на нашата вистина.

 Видливите решетки се ветени за вечноста заради бесот на рогатиот.

Buy Me a Coffee