„А сега се е на виделина, куќата ја покажува својата структура, таа не е карпа што трае со векови – малтер, вар, тула, подови, а на третиот кат – када, осамена и веројатно корисна само за ангелите, од која дождот ќе го исплакне споменот на оние што некогаш се капеле во неа. Луѓето до неодамна богати и почитувани, загубиле се што имале, одат по полињата и го молат селанецот за грст компири.„, – една мала вистина запишана од Чеслав Милош. Потресна, и се поприсутна е сликата. Велат, Далечен Исток, а поблиску не бил. Во секој дом, во секој агол демне тивкиот бес предизвикан од „строго доверливи“ директорски подбрадоци, конференции, пури, мадами. И времето е доспеано за нови навики во градот, кога на тротоарот станува сомнителен пад, само се одминува несреќниот човек со капка сочувствителна мисла зашто ниту времето, ниту местото не се за чувствување. Умот мисли, штета што падна во таа прашина, тоа е нечист град. Совеста добива железна тупаница од здрвената реакција. Толку за тоа. Одиме понатаму.
Точка број два. Идеја: можеби би можеле да живееме во одделни населби, на нечувствителни, помалку чувствителни и емпатични. Така секој ќе го дели едното на две односно нема воопшто да го дели. Чисто за проба. И така градот ќе стане современа џунгла во која секој ќе живее со своите животни и човекот од дваесеттиот век ќе стане пештерски човек кој се бори да преживее со чудовиштата околу него. Подобро објаснување нема. Свеста слави на ниво на забавиште според реакции и дејствија.
Точка број три. Каде за Велигден? Најважното прашање последната деценија. Не е до суштината, до големината и далечината. До брендот и фотографијата. Градот убав празен нека честита, под образот сочувството ќе го стискаме за да „ни се најде“. Нашата ревност е најсилна во правење залихи за влез во вечноста, а портите на вечната градина ни се отворени единствено преку сочувството и добродетелни дела. На крајот, празничната слава да ја спознаеме сите на почетокот, средината или крајот на нашата земска дестинација. Не на летната! – на земската кога почитуваниот жител мора да ги оправда сопствените постапки од оган, глад и меч, направени.
