Човекот станува суштество кое ги губи и последните човечки особини. Глупавоста на современата цивилизација станува исклучително иритирачка. Воспитани во земјата на старите неприкосновени правила сега дел се заглавени помеѓу фронтот на интелегентно простудирани промени и обични, ужасни викотници и заемни дофрлања на уличниот систем. Сомнителна е дружината на човекот. Повремени средби, а новите тркала на големата машина се вртат во празно. Ти трчаш, другите се движат. Редот не е нешто што го бираш, но системски код на следбеност. Во меѓувреме илустрираш размисли за масовна разонода. Под пирамидите на познанствата цели лични вистини остануваат закопани. Само дневно бирани досетки се споделени како жива невистина во вистината. Хонорари и бонуси споменати со полуотворена уста како опавче на рекламираната неталентираност. Од его привидот и дрвата гнијат како магијата на магионичарот кој ја лажира својата појава, и пред професионалниот борд, а уште повеќе пред другарските очи. Умешноста за приспособување кон политичката линија или кон моменталните струења на љубезно грубијанство се карактеристики на новиот „супер“ човек на материјални компензации. Брутално искушение е да се остане доследен на сопствената идеја за вредност, сама по себе, чиста и искрена и иако ќе ја ужива човекот, најчесто сам во големата осаменост на својата епоха, дали вреди? Дали вреди да се пресудува на еден кој го избрал својот збор, пред се и над се? Дали неговата вистина е погазена и растргната помеѓу маркетинг рекламите за добар и удобен живот? Не е важно, битно е доколку Вам Ви е битно.
Пинокио е славниот игран сосед во секое опкружување, а утробата на китот, киселиот мамурлак на градската боранија. Новиот „супер“ лик е голтар во духовна смисла со закопани крстни копја низ животните ораници. За глумата, може девет од десет, но да внимаваме од крвта, вода да не стане. Тоа бара напор каков безгрижноста не сака. На ова столче, пред големиот амфитеатар, солен ќе биде настапот. Тоа го ветувам низ мачните солзи на личното созревање. Секој да одигра полесна варијација, мојата беше богами величествена, во секоја смисла.
