Со доаѓањето на свет ни било дадено да одбираме љубов или среќа, а ние кутрите – го сакаме и едното и другото, среќата да сакаме и љубовта на среќата. Со самото доаѓање на светот нашата слобода е ограничена или благо кажано учтиво насочена на задоволителна нужност на „треба и мора“. И сета генерациска радост односно тага како свилена течност минува преку клеточните мембрани на се што било и поминало, заведено преку генетските кодови од една цела лоза. Но, кога го трошиме своето животно творење, и се движиме со брзина на светлина по хронолошките линии на времетраењето разбираме дека не сме тука за да останеме, но да смениме, да дејствуваме, да понудиме, едно или друго, среќа или љубов, едно од двата посакувани цвета на смислата. Надвор од тој круг, секоја смисла нема смисла. Само средства за егзистенција и слободно време за бркање мочуришна магла. И разбираш дека единствено ѕвезденото небо е голем милосрден и топол сведок на едно страдање и нуди билет во дланките на животот за слободно возење. Но, кога се напушта потребата од непотребните ситници кои се наталожуваат по таваните на животните кујни се создава обезличена маса, тегобна и тешка. Таа се разбива со лесните песни на понесен ентузијазам односно ентузијазмот на човекот од крв и месо, исправен цицач по дефиниција животно познато како Homo sapiens (разумен човек). И на полјаната се е уредено како треба за потребите на овој важен и себичен цицач. Само тој неуреден, среде сиот хаос кој го приредува.
И на крајот од светот, белите мечки си најдоа засолниште во една стара напуштена советска метеоролошка станица, да живеат колективно иако се самотници, а човекот – конечниот примат, никако да поднесе инаков човек, а најчесто самиот себе. Од гребење, дупки по ѕидовите, гребење позиција, гребење ситуација, гребење по грбовите на веќе гребените. И вечно и кружно до мигот на будење и повторно вљубување во својата десна половина, во малото прсте неугледно изместено, во окото на сеприсутноста, одот кој завлекува при забрзана работа и милион останати несовршености. Лични и посебни. Но, тоа вљубување доаѓа после една мала голгота на препознавање правилно од погрешно, човек од нечовек, благ збор од горчлив стих. За на крајот, да се запознае најзначајната личност во сопствениот живот, а тоа си самиот ти. Во поодминати години и со очила за читање, дел цилиндар, дел сфера. Оди, па разбери. Очниот мускул може предава, но умот остроумен како сечивото на мечот на самураите. И сече, и отфрла, се злонамерно.
Нема време за предавства, но за срца кои плетат златна мрежа на ова минливо место. Кој може да го победи тоа?
