Дали е само бројка или конкретна медицинска состојба? Не е важно, притисокот ја зголемува напнатоста и стравот. И се заборава суштината на животот, која беше, што беше тоа што ја носи духовната наслада? Обична забава или вршење сериозни задачи за несериозни индивидуи ако може така да се наречат. Обично добитокот го влече плугот, но во овој случај добивката е на еден врвен цицач. И некако ништо не го држи интересот освен бледото бладање во празно кое е толку далечно од книжевната котва во пристанишниот мисловен центар. И мозочната магла започнува да се храни од небезбедни извори на анемична циркулација.
Но, кој да знае дека средината ќе стане непресушен извор на „рекла-казала“ и дека се ќе личи на Декартовиот комичен сомнеж кој не ги одобрувал оние сомничави и вознемирени личности кои ниту биле повикани по раѓање или по случајност да бидат креатори на јавната мисла. Тие постојат како творци на деструкцијата која гради ѕидини врз своите мисли и идеи. Мртви мисли и идеи. И овде прилега насловот „Алал вера кој прв почна“ за дијалогот што ја прикрива вистинската духовна состојба. Дијалог на глуви, лишен од смисла, во средина сиромашна со мајчинска љубов и без зборови на милост. И таквиот дијалог бара една вистинска и навремена трансформација меѓу живите која транзитира низ современоста што Кузманов ја нарекува нагалено „глембаевштина од наши дни“.
И во светот, малку се променило кога е во прашање власта, моќта, корупцијата и полтронството и кога се расфрламе со остатоците од некаква демократија, обесхрабувачка. И затоа, пријатели, внимавајте на „пријателите“ зашто каменот паѓа одблизу. И како времето да е созреано, злото да замине отаде крвавиот грб. Без заседа, само слободно на раскошно расцветана планина, со симфонија на отворен простор. Убаво да се доживее, доколку срцето не ја предаде животната игра поради ниските читања на глупоста и средновековниот глад по азно.
Се збогувам од сомнежов, доволно талкање за еден топол пролетен ден.
