You are currently viewing Креативна бурлеска – јаве или сон?

Креативна бурлеска – јаве или сон?

 Оваа книга (или поетско книжуле) настана како една спонтана потреба да откријам еден мал дел од својата интима или може да го наречам  лавиринт во потрагата по љубовта како основен двигател на животната енергија. Љубовта кон себеси, кон човекот и театарот. Зошто театарот? Можеби затоа што тоа е местото кое најдобро го познавам и кое ми ја има понудено најсилната емоција во ова сиво време на политичките превирања и обременет дух. Сета детска игра, растот и созревањето го доживеав низ визијата на кореографот и режисерот и можеби конкретно танцот како посебна величествена уметност беше причината и на мојата креација. Секогаш сум била искрен и верен сведок на сцената и сета убавина која таа ја нуди во својата гола вистина на забранетото. Зошто Бурлеска? Зашто животот е една лудорија на радост, тага, смеа, возбуда која на сцената ја има својата кулминација и зашто повеќе од било кога на човекот му е потреба смеата која би ја заменила лудата карикатура на времето во кое сме заробени. Било да е литературна, музичка или драмска, поетска смеа, таа е искрена и е посакувана за секого и од секого.

Сметам дека сето она што потајно го криеме во внатрешниот порив да допреме до Другиот, тоа единствено го дозволува театарот и неговата магија. И како што вели Фридрих Шилер: „човекот е во вистинска смисла на зборот човек само тогаш кога игра“, било тоа да е игра на две души, игра на движења, на игра на енергии, на мечти или во мојот случај игра на зборови. Јас не се одлучив за една екстравагантна појава на драмскиот лик, или една бестелесна игра на силфидата, но се закотвив во мастилото и тишината на листот која ми дозволи апсолутна слобода во ова љубовно патешествие.

Нема да навлегувам во детални анализи за тежината на напишаното, но ќе ја понудам како избор и слободна волја на читателот да ја препознае и доживее суштината на еден човек кој доживотно се поклонува на Терпсихората. И како што вели големиот поет Виктор Иго: „театарот е круцијален за цивилизацијата. Тоа е местото на човековата комуникација“.

Buy Me a Coffee