You are currently viewing РАЈСКИТЕ ГРАДИНИ НА ПУШКИНОВИОТ СТИХ

РАЈСКИТЕ ГРАДИНИ НА ПУШКИНОВИОТ СТИХ

Политичките полемики и движењето на Декабристите кое силно го подржувал го сместуваат големиот  Пушкин во една мачна состојба, протеран од Санкт Петерсбург во Украина, а оттаму  северен Кавказ,  и Крим каде врз основа на своите патувачки импресии го создава „јужниот циклус“ на романтичните наративни поеми: Затвореникот од Кавказ (Kavkazsky plennik 1820–21), Браќата разбојници (Bratya razboyniki, 1821–22) и Бахчисарајска фонтана (Bakhchisaraysky fontan, 1823).

Пушкин понудил едно егзотично заробеништво како слика за Кавказ во Руската литература со тоа што тој имплицира една инхерентна конекција на заробеништвото како „состојба да се биде протеран“  во одредена егзотична географска заднина. „Јужните“ поеми, различни по содржина и стил, го раѓаат литературниот Кавказ како периферен простор, временска двосмисленост (прекинатата нарација во „Бахчисарајска фонтана“ низ дезориентацијата и девијацијата на нормативните општествени структури и модели на однесување, а Зарема и Марија во состојба да преговараат не само за својот животен стил, но и за религиозните убедувања. Харемот станува место каде се бришат основните правила на светот, неговата  етика, религија и морал.

Големиот лирски поет создава бесмртен стих низ кој го рекреира светот со убавините на Кримското ханство. Книжевната моќ на поемата е толку голема што дури и денес огромен број на посетители од цела Русија и светот доаѓаат да ја видат Бахчисарајска палата за да посведочат на убавината на „Фонтаната на солзите“ која Пушкин ја направил еден од најсилните симболи на бесмртната љубов во литературата. Таа ги разбудила заспаните одаи и го овековечила стихот на бесмртниот и низ песната и низ танцот, поставена и како оперско и како балетско дело. Изведувана безброј пати низ светските балетски сцени, таа не воодушеви и на нашето тло со својата ориентална приказна, преку  жив и бурен танцов говор.

И денес, верувам сме повторно гладни за една будна прошетка низ градината како онаа во Бахчисарајот, неговите рајски градини преплавени со мирисите на ловорот, јасминот и дрвата портокали кои и противречеле на сонливата мрзеливост.

Можеби недвосмислено и трајно ја изгубивме нишката со нематеријалните скапоцености, со силните милувања на изгубените радости? Харемот на личната нејасност трпи од недоверливоста на Егото, а истовремено тлото како да лизга во поставувањето на силни темели на достоинство и образ. Можеби големината на убавото лежи во секој еден стих на пресретнување, на човечка насмевка или допир. Можеби потребно е да се преговара за сопственото суштествување, за леглото кое ужива надвор од комфор зоната, за чудната нелагодност на непознатото, за тоа колку сме различни и исти во доживувањата.

И Дали воопшто би смениле, избришале, креирале, подигнале, оживеале или нарушиле во име на љубовта, на нејзиниот сјај?  Зашто Пушкиновиот занес бил толку длабоко допрен од историската големина на солзата, чистата и недопрена приказна за посветеноста што како никулец ќе изрти во Фонтаната, која иако веќе во 1823 година почнала да пресушува, тој ја прави водата незапирлив мотив за инспирација и подвиг на човечката љубов. Едноставно претставата за фонтаната со својата мирна и движечка, солидна, контролирана и слободна вода, му дозволува на учесникот, радост и чувство на неизбежна и неконтролирана промена која води до Божјото, Вечното и Постојаното.

До времето за будење на вистинската љубов!

Buy Me a Coffee