Богот на сонцето и сиромаштијата, Албер Ками озарен со вечноста на креативната непостојаност и копнежливата страст остава славна и посакувана трага за едно време кога едноставноста на големината како отворена книга, како гола буква извиена низ страниците на силно искушуван живот, гласно говори за инспиративната посебност. Под сонцето кое стои над сите времиња, денес гори бедотијата на духот и сета ствар во услови на исклучително хаотичен начин и во време на немање време. Живот во трка по големини, а суштината попатно разбиена на ситни значајни стакленца. Нивниот отсјај сеуште може да се допре низ реализмот на книжевни тркачи, со сјаен костим во изразот и свечена става на речта заради бесмртноста која им прилега.
Дали нашето неславно раздобје се растура од егоцентрични стапки на самозаборав, губење историски патокази, бледа културна меморија, неинтересен проект за колективно спасение на мисла и тело, на граници и идентитет, на поим и вредност?
Сите филозофски разговори фрлени 20.000 милји под морето односно езерото зашто солта е анемична на ова поднебје, како и расположението. Големиот капитал на поединецот држи еден агол, најчесто неискажан и затворен не минувајќи граница од тишината до звукот. И самиот збор како единство ги мами сетилата, како живототворен дух на силен оган, на разумна неразумност и прибежиште кое ја открива тежината на содејство. Губењето на пишаниот збор го дигитализира новопечениот интелектуалец до смртоносни размери на бетонски поглавја на измамена реалност и испеглани глави на совршен видик. Утопија на богати филтери и сиромашен ураниум.
Нас впрочем ни требаат сиромашни богови, неславно слободни во творењето на голата сцена, без помагала кои ја сервираат магијата, но способни во бунтот да создадат нова смисла наспроти апсурдноста. Токму како што вели Ками: „се бунам значи постојам“. Да може да се премости бездната меѓу човековата потреба за праведност и индиферентност на новото време и да се напушти комфорноста на мумифицирање стари навики, да се разбие мувлата на застоени планови до убивање на вечниот развратник, на стравот кој ја стиска индивидуата во погана и подмолно ниска состојба на егзистенција. И повторно мислите на Албер Ками дека „единствениот начин да се справиш со неслободен свет е да станеш апсолутно слободен, така што самото твое постоење ќе се восприема како чин на бунт“ и „да се отвориш себеси кон нежната рамнодушност на светот“ зашто „слободата не е ништо повеќе туку можност да станеш подобар“. Сето како обид да се издигне човекот над гордата сезнајност на глупоста и истовремено да ја поврати вербата во едноставното достоинство на постоењето.
