You are currently viewing ДАЛИ ТРЕБА ДА ИМАМЕ ТЕТОВИРАНИ СРЦА НА НАШИТЕ ЧЕЛА?

ДАЛИ ТРЕБА ДА ИМАМЕ ТЕТОВИРАНИ СРЦА НА НАШИТЕ ЧЕЛА?

  За времето во кое се мириса на бескраен регрес. За почеток кој никако да отпочне, за собирање смет напластена врз духовната напуштеност на единката. Поколенијата кои раскажуваат историја за деновите на изгрејсонцето како да се занемени пред бурното униние на поразените боишта на човечноста. Но, Таа се чита од сопствените црти на лицето, од рамнините, брчките, засеците и  трагите кои сведочат за романот на животот. Како што вели Питер Слотердејк, „ Дами и господа, јас радо си играм со претставата дека секој човек отелотворува еден слог, еден единствен незаменлив израсток од консонанти и вокали, жив слог на пат кон зборот, кон текстот“  зашто писмото е медиум на огледување во „надворешниот материјал“ заради откривање на само скриениот животен слог и на ликот кој не би се повторувал во ниеден друг или со други зборови во шумата нема да пронајдете два даба кои имаат ист идентичен изглед. Потребен ни е писателот како сведок зашто ни ги принесува отворените креативни тетовирања на животната фарса. И се прашувам како Хуго Бал, „дали, човек треба да има истетовирано срце на челото? Да може, сиот свет да го види и да каже: срцето му се качило на главата. И во сината боја на срцето и студенилото кое го опфатило би заиграло мастилото на писателот за ужасот кој длабоко го погодил нашиот век во кој најважна е очигледно војната на погледите.  И затоа е потребна поезијата да се изложува и да се обновува во борбата против знаењето без знаење, против самоувереноста, против културата на дами и господари кои со своите поседи и мерила се наметнуваат на места неприфатливи за наметнување. Поетот одново и одново го бара невозможното, љубовта кон вистината како грчкиот протопоет Орфеј кој ги поместил границите на смртта во обид да ја врати својата Евридика и во таа невозможност  создал  простор каде сите ние почнуваме да живееме, да дишеме, да копнееме и да учиме. Низ обидот да љубиме, ние создаваме творештво кое не ослободува од краткотрајната земна посета.  И затоа и многу значајно патување кое се потпишува како отпечаток и поетика на личниот внатрешен пат стои наспроти модернизираните егоизми, а во гласот на старомодниот егзистенцијализам. И можеби ќе се согласиме со Бакуњин  дека само бунтот е одговорот на нашиот крик за слобода каде сите ние како деца на новото време сме апсолутно еднобојни во изборот на личната талантливост  за понудените видувања на конфузното општество. Човекот кој можеше се всушност повеќе не може ништо заради глувоста на општествената брза понуда.

Buy Me a Coffee