You are currently viewing НАДЕЖНИ ЕНТУЗИЈАСТИ

НАДЕЖНИ ЕНТУЗИЈАСТИ

Во очекувањата да задоволиме, ние се губиме себеси. Го губиме патоказот на својот идентитетски пат, без знаци и предупредувања љубиме до бескрајно изнемоштување. Не разбирајќи ја притоа скриената потреба да скокнеме и преземеме дел од туѓата тежина божем нашата е недоволна и блага. Со пролетното будење, се разбуди и само свеста за својот несигурен чекор, за иднината која стана молчалива и матна, како небо со обесено кумулуси зад темните кулиси, од кои не знаеш кој вторник ќе ја испушти капката на искупување. Очекуваш, но на исплашена клупа во повикот. Времето минува, очекувањата татнат во умствениот коридор, дали ја заборавивме својата младост? Дали остана искрениот разговор на крстопат, на игра без интерес? Дали постојат уметнички ентузијасти? Веројатно денес би ги нарекле давеници, зашто никој не гласа за искрената победа на страста. Утопискиот занес ја вознемири дијалектиката на тврдото општество. Уметничката способност на единката се гушеше во обид да ги изврши сите очекувани порции на животниот ритам. Со трпези полни, а души гладни се прегрна ноќта пред филмското платно. За дивата која сонуваше со отворени очи, во уметнички незаборав и импулс. Солзите се тркалаа од моќниот сценски занес и мирисот на дрвената прашина на нејзината аура. И наеднаш тапо чувство на страв кога аплаузот замре, кога костимите обесени на природен провев се вкопаа во домашните куфери на самозаборав.  Сцените течеа пред очите на искушението во салонот на извонреден комфорен живот, додека насреде пијаното го оплакуваше гласот на големата дива. Третиот чин завршен, овациите свечено ја поздравуваа, а таа без најмала скромност ја очекуваше единствената вистинска љубов, грда и голема на пристаништето на своето потекло. Толку силна необјаснива приврзаност на жената која стоеше на врвот на светот завиена во својата мирисна осаменост. Прекрасна и единствена како самата оперска изведба. И таа како повеќето вистински уметници,  не успеа да излезе од славното минато на улогите кои беа движечка артерија на креативниот крвоток на телото зашто ниту на последниот ден не ја напушти идејата за уште еден настап, иако одигран пред куќната помошничка и домарот. Брехтовски кажано, Човекот е човек, а уметникот е уметник кој се бори епски со противречноста на својата болест, болеста на љубење.  Таа величествено го напушти светот на својот подиум, подиумот прославен заради неа самата.   

А, нам? Нам ни останува да се запрашаме за себичните чекори на личното задоволство од материја и течност, сведени на ниво на физичко уживање и благосостојба која ниту прашува, ниту нуди, таа цели на трепките на слепата нација, затворена при отворени порти, и гладна при голотија.

Buy Me a Coffee