Под безмилосното сонце, во времето на Ацтеките, срцата на луѓето биле вадени со ножеви од обсидијан (вулканско стакло). По ново, во нашето време, срцата ги вадиме со отровните дела на предавството кои како стрели ја матат ментална слика на човекот. Денешницата дава една изместена реалност, каде новите форми, планини, бездни, сенки и светла, просто исчезнуваат пред кревките очи како и никогаш да не постоеле. Зашто ниту убавината ниту грациозноста не може да го поврати здравиот разум доколку отровот на предавството навлезе во системот, а е длабоко навлезен. Уште од времето на Шекспир, јасно се правела разлика помеѓу небото горе и калта доле, ѓубрето кое ја ѓубри почвата, и дождот кој лее од небото, во извршувањето на своите извикувања. Исто како што имаме два света кои постојат во нашата реалност: рафиниран во светот на палатите и другиот, мизерен на борделите, затворите и улицата. Но, без јасна дистинкција за тоа што е горе, а што долу, кое всушност каде треба да биде. Збунетоста е дотолку поголема колку што е посилно крајното насладување од грубоста, нечистотијата и вулгарноста. Секој лик и настан како да немаат свое место, сите трчаат насекаде, а сочувството и разбирањето се истиснати од загадените помисли. Рамнотежата е потполно изгубена и се чини дека нема изгледи за достоинствен излез. И до последниот здив се бориме да владееме едни со други и со еден неприфатлив феномен – смртта која како сенилен и изнемоштен човек ги прибира своите на своето. И целиот пад е всушност пад од гордост каде сите сме ликови во кралот Лир, едни интригантни лицемерки, други лојални дворјани со матен нарав, трети владетели на учтиви и елегантни фрази на измамата. Но, се лупат сите слоеви од непријатната вистина дека никој не е роден како чист бел лист. Сите сме големи пукнатини под оклопот на зависта, под слепилото внатре и ужасот надвор. И да внимаваме зашто нема штитеници зад ѕидовите на топлите домови, и во секој миг како умот на кралот Лир можеме да се најдеме на последната линија на отпорот и на единственото засолниште од кое сите се плашиме – лудилото.
И понекогаш добро е да се прекршат сопствените правила за да се разобличи немирот во себе и да се откријат нијансите на деталите кои не се споделиле во обидот да се посегне, – и наеднаш : „Побрзај“…, миговното е трошливо. Нашето искупување се движи низ сокаците со картата за рајот. Дали таму ќе си простиме? Се надевам во прегратка зашто чувството и мислата совршено се споени, конечно и покрај сите омразени облози на земјата…
