You are currently viewing ДАЛИ ВРЕДЕЛО?

ДАЛИ ВРЕДЕЛО?

Дојде времето. Она во кое светот ја слави грдотијата како убава, а убавината грда, и на таа награда стежнуваат најстрашните казни и закани во обид да се смени перцепцијата и внатрешното сетило кое со сета сила се труди да остане неподмитено. Не секое овошје е скапано овошје со променлив нарав. Поединци, сеуште го посакуваат чувството на пријатност кое го предизвикува убавината, што ќе рече дека често го напуштаме корисното за убавото? Еден одличен занаетчија ќе подлегне на задоволството да создаде ремек дело кое материјално ќе го истошти, наместо лош предмет кој може да го обогати. Ситуација ретка за видот и слухот. Дури и да се вивнеме во воздушните простори на птиците или да нурнеме во длабоките води кај рибите, или да ги набљудуваме движењата на животните секаде наидуваме на еднообразност во разновидноста, зашто сите убави битија имаат сложени пропорции кои се нееднакви во убавината. И зошто впрочем се врзуваме за убавото? Дали воопшто има потреба да се постави столб со орнаменти и венци кога може едноставно таму да стои дрвен дирек или камен ѕид? Затоа што нашата потреба да се восхитуваме не е поткрепена од корисноста, но од вознесот и тоа инспириран од самата природа како врв на совршената убавина. И уште нешто, кој е предметот во природата чија убавина околу која луѓето ќе бидат совршено согласни? Тешко дека постои еден единствен суд околу кој сме сложни, а уметникот во својот креативен нагон е приморан да создава композиции кои би ги воочиле луѓето за одредено признание. И навиката да уживаме во грдото не направи заробеници, го скамени творечкиот дух и авантуризмот на отворени дела. И затоа, „храбро пријатели, еве човечки стапки“ вели уметникот во лансирање на своето создание, во надеж да го напуштиме скептицизмот на нашата осамена патека и да го повратиме видот за нештата кои го красеа човекот како посебно креативно битие на Творецот. И иако ограничен е бројот на добрите судии, и иако владее пофалбата на глупоста, останува да се создава, твори, креира зашто разновидноста го одмара духот, а времето и праведноста своевремено ќе го оценат делото.

Дали вредело?

Buy Me a Coffee