You are currently viewing ЧОВЕК ИЛИ КОЊ

ЧОВЕК ИЛИ КОЊ

Во сонот, при сонце или месечина, често талкаме околу ридови, мориња, планини, градови во потрага по нашето сигурно место кое нуди топла желба, да се зачува кошулата на животот. Животот како зачудувачки краток дури и прекраток за едно патување, едно неуморно сонување. А, на југот меѓу ликовите на Кафка, „живеат луѓе кои – замислете си! – не спијат? – Зошто не спијат? – Зашто никогаш не се заморуваат. – А, зошто не се заморуваат? – Па како може будалите да се заморат“.

Портата кон правдата е учењето. Наспроти бурата која доаѓа од земјата на заборавот, учењето е коњицата која се спротивставува. Секој човек како благословениот јавач трча по своето среќно патување, по својата цел во иднината и иако лесно дофатлива, некогаш трката е проколната. Букефал кој се враќа без моќниот Александар, ослободен од страшниот освојувач, „со грб ослободен и не-натежнат од бедрата на јавачот, под мирната светлина далеку од местото на битките на Александар, тој ги чита и ги врти страниците на нашите стари книги“ вели Валтер Бенјамин во својот есеј од 1934 година. Кафка пак го измерил своето среќно патување, својата неверојатна брзина ја изедначил со забавениот животен простор. Среќното патување кое го бараме и го кроиме според своите лични уверувања. Не е важно дали станува збор за Санчо Панса кој го испрати неговиот јавач или Букефал кој го надживеа својот, важно е дека се отстранил товарот од грбот, било да е човек или коњ. Товарот на туѓите дела и убедувања. Среќните патувања како небесни патеки кои врват едни крај други, било по обележани патеки на општествена крутост или слободни пасуси на уметничка несмасност. Патувањето е слободно и независно од улогите и времето, самото по себе станува бестселер со заведен книжевен број на постоење.

Buy Me a Coffee