You are currently viewing ТАБЛИЦА МНОЖЕЊЕ МЕЃУ СЛАБИ МАТЕМАТИЧАРИ

ТАБЛИЦА МНОЖЕЊЕ МЕЃУ СЛАБИ МАТЕМАТИЧАРИ

Дегустацијата на постмодернизмот звучи како една комбинација на старо-нови вкусови и пробни скокови. Всушност постмодерната со своето двојно кодирање создава мешавина на елитните, актуелните и класични допири кои го носат хибридниот јазик во тековната општествена реалност. Нејзината архитектура најдобро ги претставува луѓето и нивните перцепции всадени во самите фасади на новата бучава како еден вид плурализам на културни вкусови. Единствено што брзото секојдневие ги остава поединците постојано гладни за предизвици презаситени од храната која негувала генерации, а не секогаш новиот проток на (не)хранливи материи значи и повкусен предизвик, но само предизвик да се биде …. Апсурдот е дотолку поголем што и микропластиката се внесува во горделива доза на менито на надежниот киборг на посебноста, а светот во секоја смисла ќе продолжи по патот на својата замислена оска и среќно ќе модернизира минувајќи ги фазите на урбанизација, индустријализација и постиндустријализација. Сите живи и неживи во средиштето на таа среќна егзистенција се обидуваат да ја одржат нормалноста во сета хибридност и светоглед. Но, во практичната смисла и значењето на постоењето тоа дава една слика на цврста непроѕирност на мислењата и претоварен простор на себични препукувања и нарушено тежиште, на материјален статус за неплатени сметки, од едни кон други, без обѕир и ветувања па дури и љубовта станува таблица множење помеѓу слаби математичари. Системот бил провоциран од човек, преокупиран со себе и светот, обединет низ единството на економијата.

Битието во својата холистична форма ги осветлува нештата со добредојде на составувањето на скршените поединости и евентуално инкарнација на моќта и чудото на човековото срце. Зашто кога страста влегува, светилките се палат, завесата се крева и пленумот на окото е восхитен од различноста на побудата зависно внатрешната зрелост на духот кој моментално престојува. Таа ќе го избави неговото бавно будење, а тој ќе ја заштити нејзината наивна непостојаност, како алфа и омега, како модерна и постмодерна, до наредното видување, нови азбуки ќе се изродат за да се долови смислата на постоењето. И не е до формата, ниту до видот, но до желбата и мотивот да се допре согорлива побуда на срцето. Во секое време, со специфично име, срцето носи и доносува. И секоја епоха измолкнува нови врзувања и значења, нови длабоки преплети на креативен занес кој ги рони најтивките брегови на првородениот поглед, погледот кој го смени целото поимање на животниот елан, во тетратката на модерната и во електронскиот бунт на постмодерната.

Buy Me a Coffee