Времето е стасано. Сите да се преселиме, во блиската историја? Во времето на кое си спомнуваме со жар и жед, за не толку далечни пријателства, соученици, седенки. Тоа го видов во очите на мојата млада соговорничка, минатата ноќ која страсно ги следеше разговорите од улицата, која таа и целата нејзина генерација не успеала да ја запознае. Продолжи, јас сум дете на Скопје 2014 и шарената револуција, и беше тажно понесена од благата увертира на мојот говор. А, јас вриев таа фестивалска ноќ помеѓу рушевините на една пост-траума настаната после впечатокот на стекнатото. Толку шут и нечистотија одамна немало на главните плочници, а богами и во духот на историскиот непокор кој немо надвиснал над центарот. Што се случува, што се случило, што ќе се случи? Секој еден тивко се запрашува во текот на ритуалот на убаво продолжено еспресо напикан во аглите на својата свест. Од империја до депонија, богами и за тоа треба труд и упорност, срдечно сместена во пластиката на составот, и не-пластичноста на одлуките. Но историјата, ќе не избави, нели, од нашата крутост и слепило? Зашто, историјата е вистински жива, сегашноста е мачна, животот на живиот е фрагментиран, сомнителен, променлив. Година по година, другарите заминуваат, надежта и идеалите бледнеат, магичната земја на младоста станува далечна и недостапна, патиштата истоштени, светскиот товар преголем, болката претешка, радоста измиена од истрошените нации на земјата, тиранијата на иднината ја цеди животната сила на луѓето. Историјата е вечна пролет на сегашноста, победник над универзалната смрт, во вечниот замок на се-запишаното, секој живот, секое големо и мало дело, дом на сите возрасти, на сите раси, на сиот исклучителен живот, неговите огромни достигнувања и грандиозни падови. Таму сиот вечен марш одмара и сведочи. Но, секое утро е веќе минат ден. Зар, нашето чекорење не бара од нас, поголема желба за големо-мали гестови, пријателски додворувања и искрена грижа. Зар, ние не посакуваме една лична историја во иднината, која ќе запише мала белешка за љубовта и сплотеноста на еден народ? Од некаде мораме да започнеме, зошто да не бидеме повторно првачиња зад клупите на промената? Дали сме согласни, или несогласни ќе ја раскинеме татковината на нашите борци и трудбеници? И да заминеме во вечноста без историја, без сведоштво, сите заедно по патот, духовно изгладнети.
