Последниот мал поток нема да ги придвижи турбините. Човекот не се наоѓа на изворот, тој мора да пронајде начин да ја оцени енергијата на преживувањето. Затоа што кризата на интелигенцијата е криза на хуманистичкиот поим на слободата, на егзистенцијата на поединецот. Каде е љубовта и зошто е најмалку важна? Од каде да се почне? Од недостатокот на пријателства, од меланхолични патувања со воз, од неделните попладниња во големите квартови на градовите, од заедничката прослава на новиот стан, од поетското рецитирање покрај влажните прозори на есента? Центарот на нашиот свет е местото на осцилирање, самиот град кој живее слично како описот кој ни го дава Андре Бретон, „сосем е мрачно, ходниците личат на тунели низ кои не може да се најде патот – вистински салон сместен на дното од некое езеро – има нешто што ме потсетува на оној целосно несфатлив простор на старата кафеана „Принцеза“. Тоа беше последната соба на првиот кат со парови во сино осветлување. Ја викавме „Анатомија“, последниот локал за љубов“. Можеби сите полека сме сместени во една надреална просторија на наддавање вредности, каде ги нема. Ветерници без ветер, турбини без вода, бели дробови без кислород. Навикнавме како толпа, народ или универзум да живееме во жестоки нехумани услови. Зошто: паролата на граѓанските партии се како лоша пролетна песна, со споредби до врв, каде блеска светла иднина за деца, за ангели, слободни и среќни, а од ангели, слобода и среќа, нема ни трага. Уживаме поетска политика каде поезијата би ја опишала политиката како во Престој во пеколот на Рембо: „Омразо, тебе ти го оставив моето богатство!“.
