Во држава во која се се врти околу власт и потчинетост, се e моќ. И во таа држава најважна улога игра експертот всушност секој еден кој се нарекува експерт во својот домен или во сите области како недопустливо ограничување на капацитетот. Порано или подоцна, настанува ситуација на злоупотреба на науката, бескраен регрес во кој од толку многу експерти за се и сешто, никој не сака да сноси одговорност за личните постапки. Сложеноста на т.н. модерни општества е толку непотребно сложена што забораваме дека на крајот сите ќе минеме низ проверка, а многу умен одговор дава Платон во својот Дијалог каде пишува: „Сакам да раскажам еден сон. Не би сакал да навлегувам во тоа дали тој ми дојде низ вратата на вистинитите добрите или низ онаа на лажните и лоши соништа…Не би постоел ниту еден кормилар, ни еден лекар, ни еден генерал кој би ја знаел својата работа доколку вистински не го совладал својот занает. Тогаш, како последица на ова, ние би требало да сме многу поздрави отколку што сме денес, безбедно да минуваме низ сите опасности на море и во војна, нашата поќукнина, нашата облека и чевли, накусо се што имаме зашто за нас би се грижеле вистински мајстори… Притоа, науката ќе мора да се погрижи да бидат протерани сите шарлатани и да им даде збор на вистинските стручњаци…“. Секој човек треба да се признава како цел за себе и да не се третираат луѓето како средство, а денес тој е токму тоа, средство за постигнување едни или други цели. Без интимност, доверба или емоција. Зделка, животот стана зделка помеѓу „експерти“. Особено опасна кога има голема опијанетост од умеење и умешности на тема политичка нетрпеливост меѓу луѓето особено кога се инсистира на различност и несолидарност, а целосно се напушта концептот на заедништвото. Тотално заборавивме дека животот ни се раѓа во љубов со другиот, во допир со живиот, во чекор со сопатникот и не испраќа со почит од пријателот.
