You are currently viewing ТВРДОКОРНИ ВРЕМИЊА

ТВРДОКОРНИ ВРЕМИЊА

Погледнете подобро! Што е тоа што го прави животот вистински вреден? Дали што сме се родиле и што сме живи, што имаме потекло и живеалиште, тоа што работиме и се храниме редовно (дел од нас)? Или едноставно затоа што знаеме што сакаме и знаеме како да сакаме – нели е тоа суштината на самиот живот?  – и не затоа што ни се кажува како и кого да сакаме, но затоа што живееме со полни гради околу железните ќелии на „добронамерноста“ и затоа што гледаме околу себе и лево и десно со широко отворени очи и вистината е секогаш иста. 

Во секој час и секоја минута и со секој нерв на своето битие го препознаваме срцето кое го издава и најтврдокорниот инаетлија. И најчесто еден ја пресекува нашата животна радост, а не друг. Веројатно изборот е направен пред да го осознаеме, а потрагата по среќното засекогаш е само убава приказна која во младоста ни се плетка низ соништата. И неретко се трудиме да ја објасниме причината за нашата радост на масата луѓе кои реално не ги интересира личната игра на потрага. Во својот круг сите со замисла дека нивната смисла е поважна од колективната (чиста заблуда)…и секој сонува паднат пред една личност, во допир или далеку од неа. И духовниот состав отапува како материјал од втора рака, истрошен зад одеждите, секаде и никаде и нема смисла, постои само миг и клупа за набљудување бесцелна гужва. Дури толпата се ќе прифати, само не човек кој стои сам на своето сигурно место, со зборови во устата, нечуени. Независна личност има еднаков статус на залудна инвестиција, правото место се саеми за економски бизнис бум. Една комуникација, илјада услови. Искрено, длабоко досадна позајмица на интереси и желби (кој сеуште држи до нив).

Никако да разберам, дека низ салите на продажни плејбои,  човекот се труди да пронајде среќа, а среќата таму одамна не живее. Единствената важна работа за „искрен“ состанок станува само-доволно его и бистрење криви Дрини. Никогаш погласно не одекнале зборовите на Металика: ништо друго не е важно.

Buy Me a Coffee