You are currently viewing ОСАМЕНИ ЧАСОВИ

ОСАМЕНИ ЧАСОВИ

Често брзаме да и избегаме на смртта, а впрочем самата брзина не доближува до неа. Кога ќе се сретнеме со луѓето најчесто движиме со супер брз од. Разговор? Тоа бара вистина голем ангажман. Од што бегаме и кон што брзаме? Нели е тоа своевидно трчање во место, како вежба на една тренинг трака, мислите бегаат, нозете махинално вршат движечка функција. Така и нашите средби се благи обиди за поврзување на едни и други, нормално кога имаме време, а го немаме најчесто. Затоа најдобро да може да се сретнеме со сите наеднаш и да не бидеме залудно потрошни во дробење часови.

Модерните времиња се залагаат за продолжување на животот, за уривање на границата помеѓу генерациите и за времето на вечна пролет и младост. Во социјализмот се се вртеше околу чекањето односно градењето на добра иднина и копнежлива љубов. Во современото општество никој нема време за чекање, се живее овде и сега. Не се чека на иднината. Парите и љубовта сакаме да ги истрошиме час поскоро, нема што да уживаме некогаш, таму некаде во подобрите денови. Денешното рамниште на поимање е потрошувач кој почнува и сам себе да се троши, некој кој исчезнува од радарот на срцев ритам. Се слави задоволството на тегобност, гнев и брзина. Буквално човекот доаѓа во состојба да биде осуден во присуство на друг човек, а животот станува сцена на соло изведба. Палјачи никогаш погласно не одекнал надвор од театарот. Границите на играта пробиени, а главниот играч прегладнет од осаменост.

Повеќе или помалку сите сме социјално исклучени луѓе и плаќаме за дефиницијата на нашата состојба. Пријателските врски се ретки како нашиот снег, скоро и да ги нема. Поднебјето на убави деца, остана да биде пак поднебје, но без ниеден облак. Голема ќе е сушата, и за вода и за убав гест.

Buy Me a Coffee