You are currently viewing КРУЖНА ПЛИТКОСТ

КРУЖНА ПЛИТКОСТ

„Светлината се губи во топлината, светот, минута по минута станува невидлив и полесен. Во еден момент ќе биде само топлина, урамнотежена, неподвижна, еднаква. Тогаш ќе биде мртов“, како вели Хорхе Луис Борхес. Дали тоа го очекува нашиот свет кој како полека да се топи во неред и некомуникација? Кога ги губиме работите ние ги губиме оние од сегашниот миг, зашто единствено тој краток момент го имаме, но минатото и иднината не можат да се одземат, нивното отсуство е тука. Судбината си игра со огледалата, со маските и повеќе не се знае кој е вистински човек, а кој е неговиот идол. И навистина што би направил еден човек, уметник, скомрах да може подобро да ја нагласи креативната хармонија на животот во заминување? Дали би создал повеќе време за да врти како кружен часовник на повторувањето на творбите и мислите или би го прекинал чекањето на подобрите денови на пребројувањето? Неизвесни се дождовите во пустината, но исто така се долго очекувани. Такви се и насмевките кои ги бараме како чисто злато низ улиците на нашиот град во кој кашлицата стана главен атрибут на звучноста. Од многу чисто, не сме начисто при толку тапани и молитви. Некогаш едното, некогаш другото се плетка во историјата на балканскиот час. Збунети сме сигурни во едно дека бесот на пакосниот човек е скоро за пофалба. Тоа е чудо само по себе.

Топла или студена атмосферата гребе по срцата на монетарните човечиња. И илјада и една ноќ повторува песна за избавување на паднатиот во историски циклус на скршени ветувања. И во самиот натпревар на нечесности, чие куче лае најсилно при пловидбата на месечината? Дали има мерка за украдена свесност?

Песочниот часовник мора да ја утврди кружната плиткост во врели денови каде наградата припаѓа на реалниот лик крај слабите суперлативи на вечните лајачи. За вечноста, неблагодарно е да се пишува, од оваа сомнителна состојба, барем засега.

Buy Me a Coffee