Во старо познатите ходници течеше мелодијата која смени илјадници животи со својата виртуозност. Место за разонода, за освежување на широките вкусови на истенчен креативен раствор. Во салонот на познати остварувања, новите јунаци сакаат свое место под сонцето. Сакаат слава на еден добро поставен лик. Тоа е славата без прославување кога играш заради љубов и чест. Таа неминовно доаѓа, се појави мислата на скалилата кон галеријата. Моите мисли секогаш врескаа зад челото во битката меѓу доброто и лошото, среќа таа бучност не се слушаше зад новата кореографска замисла. Пристојно врвеше внатре додека се останато гласно одекнуваше во јавноста. Секое негодување запишано се читаше на дневниот ред како желба по желба по желба. На сите длабоки желби, единствено редот немаше своја. Тој беше некој непосакуван антипод на се што не беше она другото. Злото има свој карактер, своја нечиста цврстина. Тој е далеку од црната ткаенина во изразот. Остра и отсечно студена е неговата маска особено кога ја носи Одилија во својата тајна двојност. Без нежни зборови, нејзината игра е гневен убод на љубовта, кога сака да ја понижи најубавата лебедова мелодија. Преку жива игра на лути стрели кои нишанат под окото на вечно будниот, ги кине игрите на искрено понудено срце. И дали е можно злото да победи таква љубов? Дали е можно злото да ги раскине вечните завети на животните порти? Зашто прославата на љубовта тече секој ден на овој и на оној свет и најголемите приказни биле раскажани и повторно изгубени во име на љубовта.
И кога ова го зборувам, гласно и јасно, ме пресретнува една благо иронична насмевка. Често и постојано. Веројатно приказната за љубовта некако „не држи вода“. Сепак економскиот интерес си е славен војсководец, со голема река следбеници. Но, пак ќе речам капиталните писма биле запишани во омотот на срцевиот импулс. Во спротивно, би уживале во дневно политичка новина, ужас? И како никогаш порано, нашата цивилизација тоне во интелектуална декаденција иако во научните корнери имаме алатки за решавање за секој еден проблем, освен за сопствениот.
Ќе војуваме без алатките на интелигенцијата и ќе сонуваме за банкнотите на европската нежност. Со среќа и со лесно во новата реалност на политички чудовишта и митови.
И пак и одново, една Одета и Одилија, може да спасат цела генерација свежи умови кои сакаат да мечтаат. И тука и секаде, во рајот на верните.
