You are currently viewing КОМУ КАКО ИДЕ…

КОМУ КАКО ИДЕ…

Потешко може да биде, а и не мора. Тешките денови се покриени од лесните. И секое утро се надеваме дека денот ќе го има големиот сјај. Иако чувството не е исто, пребивањето во самиот себе станува сомнително. Како минуваат годините минува и интересот за докажување. Телото покажува длабоки засеци на контурата, ги забележува окото. Сите мали отскокнувања се борат со желбата за новата стројност. На повидок е зрелата свесност која бара голема одговорност за личните постапки и која не трпи бурна незаинтересираност зад запирката, немам време, немам интерес, немам зошто! И ова е време кога нема потреба од илјада зошто и илјада затоа. Зошто? Секако, но и илјада точки. Годината на коњот значи брза трка, без слободен кас во место, времето без време. Годините газат пред вас, а и зад. Се расчистува теренот за новите походи. Нема повеќе лесни отстапувања за сметка на заводливи расправи. Стасуваме до фаза – „me, myself and I“ каде хормонски потрес голта во парни и непарни денови.  Па, сега кому како иде..

Од друга страна, желбата стои како цвет среде пустина. Никој не ја гледа повеќе, но таа постои длабоко зад кожната обвивка на телото. Спие пред умот, како далечните дострели на Мачу Пикчу до каде постела видикот. Таму мирува една приказна, на високите терени. Уморот пребива дотраен, но желбата е свежа. Душата ги посакува истите нешта како на почетокот. Мирисната еуфорија повторно ги храни сите сетила и се повеќе се цени животот како големо виножито. Бројката додава тежина на богатството од слики, зборови и дела.

И едно деноноќие станува голем предизвик, да се почне и заврши во учтива форма. За желбите, веројатно треба да се истрча почесниот круг како фантастичниот Форест Гамп. Неповторлив предизвик, но не и невозможен, посебно кога станува густо, во нас самите. Трчаш за слобода, на пустинско зајдисонце, со Nike Cortez и џиновско срце.

Buy Me a Coffee