You are currently viewing ПАВИЈАНИ

ПАВИЈАНИ

Суштинска бркотница ја заведува симболиката на правење гужва кога ја нема. Значи од ништо, нешто. За тоа мислам дека сме специјалисти. И каде нема збрка ќе ја отвориме јамата за инает на општото добро. И да владееме многу материјал повторно „но“ кога можеме подобро и потемелно. Најдоброто учење при искачувањето е силниот пад од скалата на ментален стисок. Со тоа што секој нареден пад е поблаг и помалку болен поради цврстината на мотивирана цел да се стигне на една дестинација. Надворешниот удар е страшен, но внатрешната цврстина го носи во заби искушението и благодари. Човекот расте без да е свесен за оваа состојба, ја претчувствува, но не верува. Времето си го прави своето, со секој нов обид да се искачиме на врвот на светот каде и да е тоа за секоја индивидуа одделно, кожата станува погруба, мирисот и видот изострени, сетилата свежи и подготвени за восприемање, љубовта, темелна и конкретна. Не војуваме за да изгубиме, но да добиеме заради остатокот трошки на минлив премин. И секоја трошка значи обид да сме тука и да направиме интересен колаж од сликички, еден живот.  

Но, животот истовремено значи да учествуваме во напорот да создадеме, да смениме. Како да создадеме во оваа нечистотија? Првото нешто што доаѓа пред ум, како ќе постоиме тука? Зар ќе скокаме со стапови преку нашето затруено живеалиште? Почнавме да се однесуваме како павијани кои цел ден скокаат по гранките на својата ограничена свест. И така со скапи домови и возила на супер погон во прашливите прерии на нагонски врисоци. И фрламе едни кон други модерни остатоци од некогашната бон тон содржина. И никогаш не сме сигурни кога ќе мораме да скокаме со стапови? Може да се настрада при таа тешка атлетска дисциплина на ова мутирано патешествие.

И конечно тука е авионот, со точни координати, сигурен правец и закуска пред дремката. Подобро од дрвото, нели? Ќе шетаме по чисти авении и ќе јадеме пластични домати! Останува да се избере едно малечко од големото парче американски сон, и како велат, среќен пат и добро време!

Buy Me a Coffee