Лева и десна хемисфера. Горна и долна територија. Западна и источна страна.
Сите овие поделби не се поделби на време и место, тие се поделби на ликови, тела, идентитети и дела. Кратерски вдлабнатини во разбирањето. Некаде во здраворазумска емпатија, другаде во раскинати неразумности на човековите остатоци. Расфрланите пароли на тревната реткост како сензација на фотографските објективи и голема свесност за соживот. А, соживот одамна нема, барем не додека трагедијата не добие име и презиме и бучноста, три дена тапани по неа. Не е ова форма на жалопојка, ова е долготрајна форма на разочарувачки реалии. Од друга страна, будноста во духот расте и е опитен. Се надевам и кај другите се случува сличното последователно ударните вести. Ударни тресоци по глава. Цветните аранжмани следуваа како мир после војни напади. Но, мирот не се купува со мирисни есенции. Сигурноста ја нема ниту на уличните ни на лични површини.
Стравот ги отвори своите порти за делумно „бестрашните“ зашто долготрпението ги растресе граничните растројства на нежните припаднички. Припаднички кои се помалку припаѓаат некаде на овој разурнат свет. Тагата е голема, но и благодарноста што не сте на истото место како своевидна логика на комбинацијата, а случајноста понекогаш игра исклучително голема улога во тоа. И често не ги познавам општествените услови на интелектуалното занаетчиство, но теоретски најдобро е да се опкружиш себеси со круг на луѓе кои ќе слушаат и ќе разговараат, а тоа најчесто бара создавање имагинарни карактери во секоја животна бајка. И така и нашите коментари за самопомош и можни солуции се само коментари за „правење дупка во водата“. Советодавните институции овде се рај за сплотени вртимушки на заведување заклучоци за што, како, кој и кога. Другото се сите оние стари приказни за добриот балкански живот и некој фикус кој и те како вирее во тесната реа. Но, тоа не е забавно, нели? Пилингот на мртвата кожа кај дебелокожците и нема бјути ефект исто како и зборот.
Нејсе, игралиштата остануваат празни, децата ја играат новата улога. Деца без детство. Од толку многу возрасни политики, топката на кого следно да ја подадеме? На будалиот или на будалетинките?
