You are currently viewing КАМАЈ -КАМАЈ!

КАМАЈ -КАМАЈ!

Глобалниот здив на сочувствителна кошничка ја истроши храброста, на сите против сите.  Производите на прегратката се дигнаа во воздух низ црниот облак на прегорено масло. Сета суптилност во желбата да се создаде нешто креативно и свежо е сведено на еден истрел и резервна муниција. Заради што? Идеја? Замисла на еден или мнозина, или страв од поделени карти. Секоја партија полоша од претходната. Играчите уморни.  Едната страна ракоплеска, другата длабоко вознемирена и воздржана. Исходот на било кој воен револт завршува со уште поголем револт. Не сум слушнала за среќно окончана приказна освен онаа крај јамата на испраќањето. На невин крик во вечноста. Достапно, пред очи во секој миг, се затвараат капаците од застојот на светското сочувство. И нашето во светското, секако. Да не биде дека не се вбројуваме барем во едно зло. Сите со изостаноци, низ парковите на моменталната слобода. Одземена, но имагинарна, или уште уметничка како во една дамнешна, возвишена претстава на еден сон од кој нема будење.

Во книгата на Виткевич, Ненаситност, избувнува војна меѓу западната и источната армија при што едната ја соборува другата и сите претходно измачувани се во служба на новиот поредок, но тие не може целосно да се ослободат од својата поранешна личност и стануваат еминентни примери на шизофреничари. Виткевич се занимавал со судбината на интелектуалецот кој шетал низ улиците на непомирливите, сенките на некогашни „живи“ емигранти изедени од омразата како празни ореви и притоа барал уметност во сета таа деформација. Дали колективната топлина е задоволена од толпата со усти кренати за извик, црвени лица, маршови и раце кренати бастуни, како што се пишува во книгата Заробениот ум на Чеслав Милош? Дали е тоа доволно или целата животна слика на светот е веќе скроена и обоена? Едно знам, основите на светот се заеднички, лебот и млекото се колевка на големата благосостојба.

Дојде време да славиме годишнина од глупоста на алчните, но не од револуцијата кога се веруваше во нештото, во чувствителен и добар сојузник на човекот. Очигледно сето ова се само бистри рефлексии на еден фантазер кој сака да игра камај, но без образложение и правила, се што е запишано, останува во фиока, најчесто во погрешните раце.

Buy Me a Coffee