Се е борба, и на почетокот и на крајот. Е сега борбата меѓу ангели и демони, кој е кој? Едно лице, моќно и сосредоточено, иднината го повикува, дали е тоа ангелот? Тешко, со оглед на околностите. Музејската постановка на обединет поредок, корпорациските шапки, ентузијастичка смрт и кретенизмот на политичките ветрови се подготвени за новата енциклопедија на мечтите за соединето човештво. Пророците на пролетта, вештините на дијалектиката го спакуваа сонцето на слободата со ликот на нечувствителни комедијанти. Сите се повеќе се шетаме како исмеан параван. Знаеме, но си молчиме. Изборот си е избор, и иако се храниме од плодовите на дрвото на животот и спознанието, ние се смилостивиме единствено над празниот ни мев. Гладни не сме за храна, но за се останато сме и гладни и жедни. И продолжуваме со песна, безгрижен пат, но секој нов прелом го носиме како грчевита гримаса. Што е најважно, за новата и старата фаза на животот – да станеме искусни психолози и чувари на мислите на добробитие. Тоа е тајната на единството. Колку и да е долга и широка земјата, спасот е блесок од една секунда.
И иако луѓето се движат, работат, одат во театар, патуваат, се негуваат, се дружат, колективниот флуид е апатичен и празен. Пеколот на своите жители им обезбедил скапи и луксузни домови, прекрасни разоноди, храна и повторно сомнително лебди прашањето, дали е човекот на правиот пат? Осамен и збунет? Што, по ѓаволите му е потребно на човекот за исполнет живот? Една весела едноставност. Звучи излитено, но големата тајна е таа. Човекот, денес се однесува како Чаплин во Златната треска, движејќи се низ куќата, не знаејќи дека таа виси на работ на бездната. Така и сега, на работ на светското безумие дали сите хациенди се доволни да ја спасат исплашената душа, дали купот бесмислено испечатени банкноти додаваат на вредноста на животот кој виси на конец, дали добро модерно поплочените површини ќе ги заштитат нозете кој ги чека трновит пат?
Една убава песна, менува. Простодушна и длабока, ги претвора рововите во надежни земјени престојувалишта. Во еден миг, само еден малечок миг, доволен за човекот кој изгубил се во страшното изобилство. Тој човек, сме сите ние. За бизарната елита и горките насмевки задоцнето е да се говори. Доцна во ноќта се милува само песната.
