Кажете им за моите коски, кажете им за мојата кожа, кажете за моите соништа! Запишете ја приказната на жената која го љубеше животот. И живееше како што сакаше. Но, замина, не би рекла прерано, а сепак секое време е младо време да се замине. Часот одредува или е одреден. Последните прошетки по патеката на заштитените живеалишта на птиците низ обиди за зачувување на вистината. Колку такви обиди постојат од добронамерници, а колку ги вкопуваат надежите на другата страна? И колку акциите на другите луѓе го одредуваат квалитетот на нашиот живот? Дали една мртва свест го разурнува секој обид за добродетелен подвиг? И зошто? За на крајот повторно да се замине, но со лоша слава и за сметка на вистинските бранители на чистата вода и бистриот воздух. И сета оркестрација е совршено поставена од самиот татко на животот. Природно балансирани физички и духовни гнезда – колевка на новиот живот помеѓу патеките на џиновските дрвја, чуварите на сенки, засолништа на добриот човек. Замислете, секој еден да има свое дрво и да го негува. Истото дрво и над земјата и под неа го чува животот тивко. Зелен појас на здраворазумен свет.
Застани! Со сите тие приказни за мали деца. Бајки каде ги нема. Далечни, некогаш и некаде. Илјада животи се разменуваат за една профитабилна идеја, толку вреди единственото вредно. И на сите ни е потребна по една Вирџинија да се љубиме повторно, прво самите себе. Во меѓувреме, да се храниме со инспиративни писма за живите, инаку каде би слетале следните генерации. На ладниот камен? И од таму, поглед на уште повеќе камења, камењарник за новите рожби?
Нема да може, моето пиле сакам да слета на зелена почва, со расад на живи приказни. Приказни за старите и новите Вирџинии. Крстете како милувате, поентата е таа. Човекот дејствува кога е вљубен, во друг човек или во друга идеја. Вљубеноста, чуда прави. И лекува. И не е доцна да речам, Слава на Господа за тоа.
