Ништо не е сигурно во човечкиот свет, ниту спонтано освен фактот дека на есен лисјата ќе ги напуштат своите дрвја и на земјата ќе љубат други лисја. Големиот план е дека нема план освен оној кога соседот планира да му ја одземе земјата на соселанецот во надеж да начека и повеќе кокошки. Тажно! – кога се поместуваат граници за нечии ментални апетити или имиња на веќе крстени парчиња земја. Промените на нашето простодушно бладање го доживеав како зборовите на Чеслав Милош, „низ тие години имав чувство на човек што може мошне слободно да се движи, но човек што зад себе влече долг синџир што го приковува на едно место. Тој синџир имаше делумно надворешна природа, а сепак исто така – што е можеби и поважно – беше и во мене лично.“
Татковината беше изгубена, сега се работеше за патот во една состојба на општествена дезориентираност. Сите ја игравме играта на прогонството, сами од себе зависно моменталната корисност со идните бројки. Никој повеќе не сака да филозофира, бунарот на неисцрпно знаење стана обичен пренесувач на звукот низ вертикалата на својот костур. Само тоа, костури на плодни претходници. Трагачи по вистината како гробари по пуст асфалт, во потрага по еден квалитетен книжевен инцидент за адреналинска инфузија на некој кој љуби. Сиот крвоток се крши низ заплетканите реченици на оригиналната идеја, како лавиринт води низ приказната на отворените копнени површини и сокриените водени градини, преку ридови искушенија и благи пречки меѓу запирките. Големи сништа и мали замисли, од првата буква до првиот том, стои само идејата на човекот со срцето. Не неговата биологија, но неговата духовна анатомија и карактерна лудост.
Дали ќе му се даде шанса, дали самиот ќе си даде шанса? Се надевам, од чудното до чудото послана е една воздишка на пола минат живот, половични успеси и половични болни падови, но костурот уште трча по својата слобода или подобро, шансата за слобода? – Во едно читалиште ослободено од исчистени сомнежи и кикоти во кое ќе се изгради најдобриот човек од себе, далечен на узурпираните привилегии на владение. Остров на добри мисли, содржајни зборови и големо добредојде наспроти пансветската аждаја со клета тупаница.
