За се и за ништо. Тежнеење кон плодното милување на органските битија па и доколку тоа значи само-откината нужност. И се во налет на слободата зашто единствено слободни се оние кои ги оставаат другите да бидат тоа што се, раскинувајќи ги границите на слепите очекувања. И во таква слобода, љубовта е апсолут на раст, блаженство и бесконечност иако понекогаш ја менува патеката на планирано животно земјоделие. И Леопарди вели: „Браќата истовремено, Љубовта и Смртта, судбината ги зачна.“ и тие се тука, и се неминовни, и кога реалноста се вгнездува во фантазијата и кога фантазијата ќе се вгнезди во реалноста. Едно видување, вонвременско и неверно, а верно зашто виде доста и допре мнозина и душата пак е иста – истражува и се радува и страда истовремено. И допре камен, и помириса морски ветер, сонува под мирното небо, носи модар плашт во мугри и танцува крај потокот. Утехата доцна стасува иако никогаш ништо не задоцнило. И животот тече како сон, како ветување за бесмртна заклетва, со жед да се вкуси изворот на среќата, кој пресушува.
Единствено борбата е непресушна за зачувување на душата – кршачка на предрасуди и осуди. Таа се бори со нејзиниот ум, од кого се плаши и лагата и чувствува! Значи е? Да, таа што сака да биде, видлива за тесниот свет, сомничав околу обемот на крилјата на која го носи своето верување. Тајните се стара, излитена фраза. Се е послано на виделина, нејзината вистина повеќе и од неа самата. И во трагичното чувствување на животот, станува љубоморна на големите генијалци кои ја запишале историјата и кои го чуваат големиот дел од небото. Доле, далеку од небесните наслади, седиме пљачкосани во реченицата, мислата и сликата за сметка на нечии иницијали.
Кој кого ќе надживее? Зарем е важно? Играта сите ќе не надживее доколку не научиме да ја играме. Во секоја реалност мораме да ја играме, таа е приказна која вреди да се види. Мора да започнеме од доброто дрво, под крошната на заветот. Од тука, милно, само нагоре.
