Каде погрешивме? Порано, подоцна, сите се прашуваме? Дали во позрелите одаи можеше поинаку, или мораше после напорен месец да падне бонус – кесичка нес кафе или главата, заглавена во кредити да помисли, „зар и од книгите се одрековме“ додека поетските стихови танцуваат низ историјата, пеплосани од онлајн состаноци?
Стои понекогаш умот во место и се околу него е исклучително збркано и поматено во своето постоење. Причината без причина, правецот изгубен. И дојде моментот, да работиме на создавање „eco-friendly“ луѓе, благопријатни за почвата и за останатите живи битија. И тоа како последица на глупоста, фамозно присутна низ вековите и во цитатот на Мирослав Крлеж:
„…Без разлика дали човечката глупост е Божјо дело или не, не се губи во своето дејство. Патот од една до друга човечка глупост често трае со векови: како ѕвезда изгасната од светлината, глупоста никогаш не пропуштила да не допатува на крајот што и е одреден…„
Дали сакаме да се жалиме и оплакуваме или да дејствуваме и покрај глупоста крај нас? И првиот чекор кон промената значи да се прегрне стравот со креирање соништа во јавето кои ги допираме. Наспроти сите изгледи, паѓаме, стануваме и допираме животи, срца, простори, мигови…барем се трудиме, за проба, пари не земаат. И тоа значи да се напушти кафезот на удобноста и да зоврие крвта на секој еден кој погледнува над страшните жици на теренот или руината на една природна катастрофа. И доаѓа неминовно мигот кога годините се потрошени, кај секого на нешто, и сега понатаму?
И сега ништо, се копа нов тунел на животот, со очи ангелски и невина насмевка. Во овој случај, малата Фабиана понуди една лекција, за надежта во мртвата темница. И можеме само да се научиме на подобро, другото го владееме. Значи, сега на греење столчиња, секој во своето, во животната училница. Да, ние сме возрасни луѓе со ненаучени детски лекции. Наизуст или со разбирање, одиме повторно, Зоки Поки, Грдото пајче, Зајче без опавче… од почеток, преку сказните до емпатија, верно?
